Владата смета дека претседателот Ѓорге Иванов не може да даде помилување на осудени за „27 април“, бидејќи би го прекршил Уставот и законот. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција рече дека Владата не очекува Иванов „да се дрзне и да го направи тоа“.
-Постојат две причини поради кои не може да се води постапка за помилување од страна на шефот на државата, постапката се води исклучиво преку Министерството за правда. Со оглед дека не постои законска можност за помилување од страна на шефот на државата, постапката се води исклучиво преку Министерството за правда, со оглед дека не постои законска основа за помилување без претходна постапка во ова Министерство, рече Бошњаковски.
Тој потсети дека избришан е членот 11 од Законот за помилување, кој предвидуваше таква постапка од страна на претседателот на државата.
-Со укинувачка одлука на Уставниот суд од 2016 година тој член не е вратен, не е „оживеан“ што би се рекло со судски израз, така што не постои во правниот систем на нашата држава таков инструмент, вели Бошњаковски.
Втора препрека, како што истакна владиниот портпарол, е фактот дека имаме претседателски избори и во овој период не постои начин како да се даде помилување.
-Факт е дека до овој момент во Министерството за правда исто така не се пристигнати никакви барања за помилување на осудени лица за настаните од 27 април. Се што ќе се направи надвор од овие рамки би било дефинитивно кршење и на законите и на Уставот. Не очекуваме дека претседателот би се дрзнал тоа да го направи, рече Бошњаковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.