Симона Поповска: Осаменоста тешко се прифаќа, но мора да се бара излез!

by fokus 12:18
12:18

Поп пејачката Симона Поповска сними нов видео запис. Станува збор за екранизација на емотивната балада „Сама“ зад која стои авторскиот тим Иле Спасев, музика и аранжман, и Даниела Хаџи-Тоневска, која го потпишува текстот. Пејачката вели дека иако песната е снимена одамна, чекала вистински момент за да го сними и видео записот за истата.

Видеото е работено со режисерот Андреј Ѓоргиевски, а во реализацијата на целиот проект учествуваше веќе проверениот тим соработници на Симона – шминката и фризурата се на Бобан Тодоровски, додека за стајлингот беа задолжени Златко Јовановски и Сињори.

- Advertisements -

Кадрите во видеото во кои доминираат убавините на нашата земја се снимени во Македонска Каменица, езерото Калиманци, и хотелот Буши.

-Сакавме да ги искористиме убавините на нашата земја. Откривме преубаво место, односно езерото Калиманци кое располага со прекрасна природа и целосно се вклопува во она што сакавме да го пренесеме. Темата на приказната е потонување во сон и чувството на осаменост. Токму и затоа сè, односно кадрите почнуваат од највисоката локација, па како што тече песната така се спуштаме пониско и завршуваме со будење и враќање во реалноста. Пораката која сакавме да ја пренесеме е дека иако е тешко да се прифати секој тежок момент во животот, особено чувството на осаменост и страв, многу е важно реалноста да се прифати како таква и да се направи обид за излез. Сè е минливо, а соочувањето со реалноста е првиот чекор во изнаоѓањето решение и излез од секоја состојба- вели Симона и додава дека наскоро планира нов проект.

Вики Клинчарова

Поврзани новости