Не можев глава да кренам од рекетот што ми го бараа луѓето околку Груевски

by Фокус

Интервјуто е објавено во неделникот „Фокус“ 25 декември 2008 година.

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски неодамна беше осуден на казна затвор од три години поради примање на поткуп од 100.000 евра кои што тој и неговата одбрана ги квалификуваат како донација за изградба на црквата Свети Пророк Илија.
Тодоровски впрочем како и сите други обвинети политичари, смета дека му е монтиран целиот случај. Тој уште на самиот старт на процесот изјави дека бил, наводно, рекетиран од партијата за дел од парите на општината да ги префрли на нивна сметка. Со други зборови, посочи дека така се полнела вмровската каса.

Со оглед на тоа што финансирањето на партиите и изборните кампањи е најмистериозната тема, најстрого чувана партиска и државна тајна, сметав дека осудениот градоначалник во очекување на правосилна пресуда треба барем да добие шанса да ги објасни своите обвинувања за партиски рекет. Во неговата верзија има и жиро-сметки во странство, надувани фактури, рекламирање, местени тендери – како начин на кој партијата доаѓа до пари.

ФОКУС Вашиот прв коментар откако сфативте дека сте осуден на три години затвор беше дека пресудата против вас била донесена уште пред три години на партискиот Централен комитет во Струмица?
ТОДОРОВСКИ Прво би сакал да објаснам како станав кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев директор на Агенцијата за вработување некаде пред конфликтот. И во тој период на таа функција имав страшни притисоци. Ќе ви наведам еден пример, за ЈП „Аеродром“ кога требаше да се вработат 100 лица и тоа Албанци. Тоа ми го побара тогашниот директор на аеродромот, јас реагирав на тоа, бидејќи требаше да потпишам, во тоа време имаше таква пракса.
И дојдов во конфликт со одредени луѓе. Во тој момент бев подготвен да дадам оставка, дека така не одат работите.

ФОКУС Со кого влеговте во конфликт? Со Љубчо Георгиевски?
ТОДОРОВСКИ Влегов во конфликт со сите кои не работеа во интерес за македонскиот народ, бидејќи кажав дека додека сум јас директор на Агенцијата за вработување тоа нема да случи. Бараа да се извинам за ова што го кажав. Тоа не го направив и веднаш ме сменија во помошник директор на Агенцијата за вработување, но си дадов оставка. Груевски го запомни тоа. Во тоа време многу соработував со него како Министер за финансии. Му помогнав во многу работи.
На пример, тој сакаше државата да ги контролира вработувањата да не одат кој колку што ќе му текне во било кое министерство или државна институција. Јас смислив начин како: во Одлуката за спроведување на буџетот да влезе дека без согласност на министерот за финансии да не може да се вработува никој.
За тоа Груевски ми беше благодарен. Тоа беше во 2001 година, но во меѓувреме се сменија работите. Во 2002 г. ВМРО-ДПМНЕ катастрофално изгуби. Во 2004 г. исто така на председателските избори доживеавме пораз и дојде до препукување меѓу Георгиевски и Груевски. Јас застанав на страната на Груевски.

 

ПАРТИЈАТА ДАДЕ САМО 1.000 ЕВРА ВО КЕШ

ФОКУС Зошто се определивте за Груевски?
ТОДОРОВСКИ Георгиевски во тој момент беше „аут“. А Груевски го почитував дека беше млад, амбициозен и упорен. Јас му се најдов и му помогнав и на еден начин ми остана должен.
Во тој период Груевски беше во судир и со Марјан Ѓорчев и со Доста Димовска. Мене ми падна задачата да ги исклучам од партијата. Сепак тие беа најголеми авторитети во партијата покрај Георгиевски. Јас се нафатив на таа работа, затоа што прво човекот ме молеше, состојбата беше многу сериозна и сакав на Груевски да му помогнам.
Но, тој очигледно лошите работи многу повеќе ги помни, човекот е многу суетен. Во 2005 година кога дојде време за кампањата за локални избори, од 11 предложени кандидати за општината Аеродром јас избив на прво место.

ФОКУС Кој ве избра? Груевски или базата?
ТОДОРОВСКИ
 Прво во рамките на базата. Во тоа време во Аеродром имаше 12-13 месни комитети и требаше да бидеш предложен барем од еден комитет. Јас бев предложен од 3 – 4 месни комитети. Потоа има комисија во која беа Сашо Мијалков, докторот Борче Георгиевски и меѓу сите предложени, поминав јас. После една година, прашав зошто. Ми рекоа дека само јас сум имал програма. Но, не беше само тоа во прашање, туку имаше и други работи.
Се интересираа кој сте, што сте, дали доаѓате да се збогатите или не и слично. Всушност, уште пред кампањата почна рекетирањето.

Груевски повеќе ги помни лошите работи, човекот е многу суетен

ФОКУС Добро, кој ја финансираше вашата кампања за градоначалник? Собиравте ли донации?
ТОДОРОВСКИ
Никогаш не сум собирал пари. Во животот сум работел разни работи, и државни и приватни. Имав некое семејно наследство. Јас и за време на кампањата, и пред неа, користев само мои пари.

ФОКУС Кој износ го уплативте?
ТОДОРОВСКИ Јас не уплатив, но ми се бараше. Јас платив за мојата кампања, почнувајќи од реклами, спотови, билборди, плакати, пенкала и запалки. Во тоа време, од сите нас се бараше да платиме бидејќи партијата беше во катастрофална состојба.
Се сеќавам од она што го слушнав од Груевски во дадени моменти дека барем милион евра партијата е во минус, должеше пари на сите страни. За мојата кампања првично мислев дека ќе потрошам околу 20.000 евра, но трошоците беа многу поголеми, но не се сеќавам точно колку. Во последните моменти плаќав на сите страни. Од 2002 до 2005 година партијата имаше доста неплатени сметки. Ме тераа сега мене наназад три години да платам нешто што не било платено. Беше многу некоректно. Јас да си ја финансирам мојата кампања, тоа е во ред, ама да финансирам трошоци за месните комитети во Аеродром, неколку години наназад, не е во ред. Дел од моите пари беа и за плаќање и за тие трошоци. Мислам дека и партијата даде по 1.000 евра на секој кандидат, а од каде ги најде парите не знам.

ФОКУС Парите ви ги дадоа во кеш или на жиро сметка?
ТОДОРОВСКИ Во кеш, во евра. Еден партиски функционер ги делеше парите.

ФОКУС Потпишувавте нешто?
ТОДОРОВСКИ
Јас не, туку претседателот на општинскиот комитет, бидејќи кај мене не одеа парите.

ФОКУС Во секој случај, Вашата партија ве кандидираше без проблеми?
ТОДОРОВСКИ Напротив! Ме кандидираа и на централен комитет од 120 членови, 115 гласаа за мене, но противкандидатите веднаш почнаа да реагираат кај Груевски и да зборуваат божем сум лежел во затвор, дека кога сум бил во Агенцијата за вработување сум украл не знам колку пари и сл. Груевски во еден момент почна да се пишмани за мене. Се најде во една многу непријатна ситуација и една вечер во 18 часот ме викна во главниот штаб. Таму беа присутни Груевски, Миле Јанакиески, Горадна Јанкулоска, Борче Георгиевски, Сашо Мијалков и три часа ме убедуваа да се откажам од кандидурата.

IMG_20140103_150228-1БАРАА ДА ТРОШАМ ПАРИ НА РЕКЛАМИРАЊЕ

ФОКУС Што нив толку ги поколеба?
ТОДОРОВСКИ
Дека сум ваков или таков, тврдоглав. Ми рекоа дека се шират гласови за мене и дека тоа ќе влијае на кандидатурата. Јас не се откажував, зошто прво ми беше срам. Веќе беше објавено дека сум избран за кандидат за градоначалник на Аеродром на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш Груевски ги тргна останатите и ме праша:
„Што си запнал сега, ние ќе дојдеме на власт идната година и ќе те ставиме министер за труд и социјала. Во Македонија ти се најупатен за тоа.“
Но јас бев решен да одам на избори за градоначалник. Едноствано, знаев како работи Груевски, па си реков поарно во општината, барем ќе бидам колку толку независен, отколку таму во влада, ќе бидам врзан 24 часа. Го знам неговиот стил на работа. Му реков:
„Председателе, јас сум човек во години, ја сакам општината и сум роден да бидам градоначалник“.
Две до три минути беше шокиран, не знаеше дали сум луд или нешто друго и на крај ми рече:
„Нека ти биде“.
Но, тоа не траеше многу долго. Ноќта некаде околу 11 часот ми се јави, ме разбуди и ми рече дека може да ми ја скине кандидадурата. Го прашав како ќе го направи тоа бидејќи тоа може да го стори само Централениот комитет. Но, ми рече дека ако сака може и тоа да го направи, дека има начини. Сепак, на крај ми порача дека ќе ми даде шанса.
Но уверен сум дека мислеа дека нема да победам и дека ќе бидам жртвено јагне. Да ве потсетам дека на претседателските избори во 2004 година, во Аеродром, Кедев изгуби од Црвенковски 5:1.
И поради таквата катастрофална состојба тие сметаа дека јас нема да победам. Во првиот круг јас бев зад Шутиновски од СДСМ со приближно 2.500-2600 гласови. Но, во вториот круг го победив за 900 и нешто гласови. Тие не очекуваа таков пресврт и од тој момент се се промени.

ФОКУС Се промени односот на партиското раководство кон Вас?!
ТОДОРОВСКИ Од кога станав градоначалник започна и рекетирањето. Знаете ли што значи да се направи една нова општина? Во април 2005 година станав градоначалник, а немав ниту столче, компјутер, вработени, буџет, а имав празна сметка.
Еден период бев сместен во Општина Кисела Вода, од дома си донесов компјутер, а во оваа зграда сме од август 2005 г.  Зградата беше на Станинов, но беше запуштена и во катастрофална состојба.

ФОКУС Ја купивте од Станинов?
ТОДОРОВСКИ Не, се уште сме под кирија. На Станинов му плаќавме, односно на ЗУС. Со него имавме потпишано договор за користење на зградата што истекува до крајот на идната година. Но, во меѓувреме Станинов ја изгуби зградата бидејќи била по хипотека на Комерцијална банка. Банката му ја зема и му ја продава на Мите Николов од Брилијант. И тој сега е сопственик.

На претседателските избори во 2004 година, во Аеродром, Кедев изгуби од Црвенковски 5:1

ФОКУС Рековте дека откако бевте избран за градоначалник започнало рекетирањето. Како изгледаше тоа?
ТОДОРОВСКИ Прво беше софистицирано. Ни бараа пари, но кога ќе кажевме дека немаме пари, ни велеа дека општината има. А веќе ви реков дека од април до 23-ти ноември 2005 г. јас бев единствениот вработен во општината. Морав самиот да направам буџет, одлука за организација, правилник …

ФОКУС За што и како ви бараа пари?
ТОДОРОВСКИ На пример, во тој период се организираат курсеви за градоначелниците, а нив ги имаше и пред и после. Одевме во Охрид на ден-два и сметката е колку што е. Но, ќе ви дадат фактура и таа е неколку пати поголема и таа фактура кога ќе се вратите, треба да ја платите.
Со тие фактури, она што мене ми е одредено како репрезентација, го стопив за многу краток временски период. Во тој период ќе се јавеше некој и ќе кажеше да потпишам договор за таа и таа фирма за рекламирање за огромни пари, некаде за околу 10 илјади евра. Но што да потпишам и што да рекламирам кога немав ни вработен, ни буџет, ни комисија на јавни набавки. Веднаш одбив.

ФОКУС Преку рекламирањето најлесно се извлекуваат пари?
ТОДОРОВСКИ Вие не знаете колку пари некој даде преку Водовод и канализација за рекламирање?! Огромни износи, но човекот беше партиски војник. Мене ме предложил премиерот, сегашниот председател, но ме избрал народот. Овие не се ниту мои, ниту негови пари.

 

НА ЦК ВО СТРУМИЦА МЕ НАПРАВИЈА „ПАРТАЛ“

ФОКУС Кога би дошол некој да го прочешла периодот кога сте сам вработен во општината би нашол ли криминал?
ТОДОРОВСКИ Јас сум економист и професор по математика, имам два факултета, и многу добро си ја познавам работата. Знам дека кога и да е, некој ќе дојде и ќе ја исчепка работата, како што вика Заев. Но дали и кога ќе дојде СДСМ, прашање е, ама технички и теоретски, тоа е така. Да ви кажам на тој градоначалникот од Могила или оној од Новаци свеста им се одземаше кога мораа да платат некоја фактура. А износите беа колку што чини една свадба. Тоа може и во Скопје да се организира и да нема никаков трошок, но направиле тоа да биде на некое друго место, да се патува до таму.
После тоа ви даваат фактура, но ајде првиот пат проаѓа, вториот, третиот, но четвртиот пат веќе луѓето почнуваат да се плашат. Некој одбива, некој не. Тој што не одбива, повторно сега ќе се кандидираат со подршка на владата. Јас ги одбивав таквите работи и им кажував дека треба тоа да ми го скратат, дека не можам толку да го платам.
Е во септември месец имаше Централен комитет во Струмица и ме направија „партал“ дека не ја помагам партијата. Ме нападнаа сите со ред, а меѓу првите беше председателот на совет Зиберовски.

ФОКУС Ве критикуваа само заради тоа што не давате пари или и дека не вработувате партиски кадри?
ТОДОРОВСКИ За се. Јас при вработувањата настојував да примиме млади и квалитетни луѓе од Аеродром, да знаат јазици, компјутери. Тоа не одеше само преку мене, туку и преку Агенцијата за државни службеници. Возачите и хигиеничарките одеа преку мене. Во тој период многу лесно ги пополнив тие технички работни места.

ФОКУС Вработивте ли партиски кадри?
ТОДОРОВСКИ Вработив, но сите беа квалитетни. Дел од оние што ми ги нудеа, не беа. Но, не ми даваа само луѓе од нашата партија туку имаше и од коалиционите партнери. Знаев дека во иднина ќе си имам мака. Не само што некои од кадрите што се нудеа не беа квалитетни, туку беа и проблематични.

Од кога станав градоначалник започна и рекетирањето

ФОКУС Одговоривте ли вие на критиките, на седницата во Струмица?
ТОДОРОВСКИ Ме направија „ренде“. Станав да се бранам, но колку можев да се одбранам, само Господ знае. Целта беше еден да се нападне од сите страни за да попушти бидејќи тие почувствуваа дека јас ќе им правам проблеми и дека тоа ќе биде поучно и за другите. Ако мене ме легнат, а јас сум најекспониран, тогаш со другите е полесно. Од Струмица почна да пука тиквата. Ме напаѓаа, на пример, зошто на Советот на општината не му давам пари колку што бараат.
А советниците бараа по 40-50 илјади денари, што беше 4-5 пати поголем износ од вистинскиот. Тогаш имаа право на по 4 илјади денари од седница или 30 % од просечната плата во Македонија. Тие држеа по 4-5 седници без потреба, некогаш со по една точка. Но јас интензивно работев во општината, технички ја стабилизирав и почнаа работите да одат на арно. Првите месеци кога бев сам, заштедив некаде околу еден милион евра и сакав тие да влезат во инвестирање на општината, во деталниот урбанистички план.
Општината ја поделив на 30 дела, имаше 30 планови и интензивно работев на плановите. Тие чинат многу, ама еден проект да се реализитра, еден хотел да се направи, ќе ги вади тие средства. Груевски ме прашуваше што сум направил и бараше да се направи некоја клупа, паркче, но јас одев на покрупни работи. Не можев ни клупи да ставам, немав вработени и неможев да фомирам комисија за јавни набавки. Еднаш ми рече да прекинам со тие ДУП-ови, а сега ДУП-овите му се на прво место на премиерот. Да се вратам на советниците. Како почна да се полни касата така тие повеќе притискаа. Почнаа секој месец да измислуваат некои работи за да земат што повеќе пари. Освен тие пари за присуство на седници, кои се земаат по основ на законот, формирале 15 комисии и секој е во 4-5 комисии, и за секоја комисија да се зема над 4-5 илјади денари без разлика дали се одржале седници или не.

ФОКУС Колку пари се собираше така на еден советник?
ТОДОРОВСКИ Околу 40-50 илјади денари месечно. Сите тие одлуки ги оспорив на Уставен суд и кога Груевски стана премиер му дадов еден куп одлуки на Уставен суд и тогаш барав да се распушти Советот на општина Аеродром. Во законот стои дека ако Советот донесе два пати една иста неуставна одлука, тогаш се распушта советот. Овде не беше два пати, туку 15 пати донесоа исти вакви одлуки, а кои на моја иницијатива Уставниот суд ги поништуваше.

ФОКУС Тука влеговте во конфликт со целиот Совет?
ТОДОРОВСКИ И со Груевски, зошто тој не сакаше да го распушти Советот.

 

ИЗМИСЛИЈА ФИКТИВЕН ДОЛГ ОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА

ФОКУС Зошто не сакаше?
ТОДОРОВСКИ Па нека земат пари, што ти е гајле, ми викаше. Но за тоа што тие земаат пари, јас можев да одам во затвор. Тоа беше 2005-2006 година. Бев притиснат за пари не само за партијата, туку и за советниците. Јас ги тужев и ќе презентирам пред јавноста кој колку зел, се имам на лист хартија. и незаконски зеле разлика околу 250 илјади евра.
А сега додека бев во притвор, работата се зајакнала уште повеќе. Значи за доѓање и одење на работа, за превоз , моите вработени земаат 900 денари, а советниците 7 илјади денари месечно за еднаш што ќе дојдат. Дојдов во конфликт со Груевски бидејќи сакав законот да го спроведам, а господинот ми вели да мижам. Како да мижам, кога утре ќе дојде некоја друга власт …

ФОКУС Дали во 2006 г. пред парламентарните избори имавте притисоци за финансирање на партијата? Веќе зајакнувате како општина, имате пари.
ТОДОРОВСКИ
Во 2005 година јас се обидував да ги осуетам нивните апетити и тие беа резервирани колку толку кон мене. Но, во другите општини направија ‘ршум. И овде доаѓаа, околу јавните набавки ми кажуваа што и како треба да направам. Еднаш го повикав председателот на комисијата за јавни набавки, им реков дека тој е партиски нивен човек и со него да договараат. Јас пред неколку дена го избркав овој човек од работа, а тој ја здувна на боледување со двајца од техничкиот персонал. Оној што сега ми формираше синдикат во општината, па синдикатот демек да ми врши притисок. Тие три и пол години не формираа, и зошто не формираа за време на Зиберовски. Сметам дека тоа е потикнато и организирано одвнатре за да ме држат мирен и за да не вревам. После тоа ме повика Мартин Протоѓер и ми кажа дека треба да молчам. Му реков дека тие треба да молчат а не јас, бидејќи јас ништо не сум направил.

ФОКУС Да се вратиме на обидите, како што велите, да ве рекетираат?!
ТОДОРОВСКИ Кога видоа дека нема да можат директно со мене, пробаа индиректно. Тоа го започнаа во 2005 година. Ние се одвоивме од Кислеа вода и од вкупно 130 илјади жители околу 80 илјади влегоа во Аеродром, а во Кисела вода останаа околу 50 илјади жители. И тогаш измислија некој делбен биланс, а во законот стои дека документите, архивата се предава од едната општина на друга. Но никаде не пишува дека некакви пари треба да се делат. Наеднаш измислија некаков наш долг, не знам каков, на општина Аеродром кон Кисела Вода од еден милион евра.

Дојдов во конфликт со Груевски бидејќи сакав законот да го спроведам, а господинот ми вели да мижам

ФОКУС Каков долг, кога вие сте нова општина? Кога го направила општината тој долг?
ТОДОРОВСКИ Никогаш. Измислија некој фиктивен долг за тие пари да одат таму и после тоа да одат на друго место. За оваа еден месец ми досадуваа Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев и Влатко Чингов. И имав вистинска тортура од нив за да дадам пари на Кисела Вода. Им велев дека немам пари, но ми се закануваа дека ќе видам што ќе ми направат. Ова се случуваше пред Централниот комитет, пред Струмица.
Додека бев во притвор, Зиберовски изјавуваше дека ќе го реши овој проблем. Но адвокатите го советувале дека ако потпише, не му бега затвор и се повлекол. Зошто инаку Зиберовски не го потпиша тој делбен биланс? Изгледа дека некој му кажал дека работата не е како што треба. Една од тие работи беше таа – парите да се отуѓат од општина Аеродром. Но важно е дека од мене не ги извлекоа парите, па подоцна пробаа на друг начин тоа да го завршат, зборувам за 2005 година.

ФОКУС На кој начин?
ТОДОРОВСКИ Ќе наведам пример со една позната фирма, што има седиште во Аеродром и гради управна зграда и уште една. За другата зграда што ја гради, немаа платено комуналии, односно ми тврдеа дека некогаш имале платено на Кисела вода на Љупчо Димов. Но, им реков да си ги зедат парите од Кисела вода и да ги платат овде за да им се издаде одобрение за градба. И во 2006 година, некаде пред изборите, Џорџе Арсов градоначалникот на Кисела вода дал одобрение за градба во општина Аеродром.
Тоа е кривично дело и за тоа некој треба да си сноси одговорност. На седница на Централниот комитет во Штип јавно кажав дека е преседан градоначалник од една општина да даде одобрение во име на друга општина. А знаете зошто беа тие работи? Некои пари се дадоа, а кој и како ги зема, можам само да претпоставам. Човекот си имаше мака, објектот требаше да му се урне. Зборуваме за износ од неколку стотици илјада евра пари што требаше да влезат во општина Аеродром. Не можам јас без платени комуналии да му издадам одобрение за градење.

 

МЕ ПРИТИСКАА ДА НЕ РУШАМ

ФОКУС Значи Кисела Вода му го издаде одобрението?
ТОДОРОВСКИ
 Да, му го издаде, но во 2006 година, една година после изборите. Јас реагирав на сите страни за тоа, а за тоа Џорџе Арсов доби тужба. Реагирав во рамките за законот, не можам да реагирам поинаку. Ги објавив сите диви колективни градби во весникот на општината и најавив нивно уривање. Тогаш ме повика премиерот и ме праша што мислам со тоа да правам. На Цетрален комитет на партија, во Кочани или во Виница, Груевски се фаќал за челото и се прашувал „Што си направив со овој човек?“. Но, јас ништо не правев, само го спроведував законот. Очигледно дека го болеше нешто околу тоа.

ФОКУС Знаете ли што го болело?
ТОДОРОВСКИ
 Го болеше ова. Најголемата индивидуална дивоградба – зграда во општината е на Томче Ѓуровски, а тој во тоа време беше председател на Општински комитет на Аеродром. Во моментов истиот е заменик генерален директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а јас зградата треба да ја рушам. Ме повикаа во главниот штаб, премиерот со Томче Ѓуровски, седнат на работ на неговата фотеља а јас спроти нив.
Ме прашаа што ќе му правам на човекот, а јас одговорив дека ќе ја рушам неговата џиновска дивоградба. Ме прашаа како тоа јас да го рушам, кога тој бил наш човек, реков дека тоа нема врска дека е наш човек, тоа е по законот. Ако него не го рушам, нема да срушам никого во општината. Ми рекоа дека со вакви работи ќе си ја земам бељата. Почнаа да ме притискаат, да не рушам, да молчам, да кријам … Одев лудо храбро и со тоа се судрив со државата. За се бев во право по законот, ама според нив не бев во право.

ФОКУС Но зошто да се урива ако може да се плати драстична казна?!
ТОДОРОВСКИ
 Така е во Шведска, ама може и кај нас да биде така со законот за легализација на дивоградбите. За оваа зграда (на „Елинг“, н.з.) ми подметнаа. Требаше да молчам се додека не се донесе законот за легализација на дивите градби. А знаете дека Миле Јанакиевски го најавува тој закон уште пред две-три години и никако да излезе со него. Со тој закон ќе може ако еден објект се вклопува во деталниот урбанистички план да се легализира. Многу итро ја направија работата. Ми го пратија газдата на „Елинг“ на капија некаде во средината на јануари оваа година. Јас прв доаѓам и последен си одам и на излегување околу 17 часот, ме сопре тој на врата долу за тоа имам сведок, возачот кој што беше присутен, и тој сведочеше за тоа.
Го прашав кој е што сака. Ми се претстави и кажа деке е подготвен да помогне за црквата. Му реков дека овој разговор не се прави ова време и го поканив утредента да дојде и го упатив да се види со Сашо Стојчески ( второ обвинетиот, н.з.). Инаку приближно во исто време бев притиснат уште за еден случај. Ми рекоа дека ако не го направам „тоа“ ќе си ја земам бељата . Постојано и во континуитет ми се закануваа. Стануваше збор за многу богат Албанец, кој ги финансира сите албански партии, а јас дури во априлскиот број на општинскиот весник сакав да го објавам тоа, за сите закани кои ми се случуваа, но работата се сврти. Еве тука ќе прочитате, но тоа не е објавено, затоа што ми се заканија да не го објавам (покажува на текстот, н.з.).

Ме повика Мартин Протоѓер и ми кажа дека треба да молчам

ФОКУС Кој ви се закани, од партијата или Албанецот?
ТОДОРОВСКИ Еве ја целата работа како беше. Во јануари-февруари почувствуваа дека јас ќе ја пробијам оваа работа. Тогаш прво премиерот ме повика на еден состанок на Комитетот за експанзија во градежништво. Инвеститорот не беше присутен, премиерот беше внатре, а надвор беше министерот за просторно планирање и животна средина, од ДПА. Премиерот дојде со него и седна лево од мене и јас сфатив што е работата, бидејќи во тој период доаѓаше министерот во општината и бараше за Албанецот да му дадам маркица каде што немаше право за тоа.
Јас и на Албанецот и на министерот им кажував дека нема шанси да дадам маркица за градба, додека сум јас тука и дека сакам и јас да живеам во општината и дека подобро е да земам пиштол и да се отепам. Бараше на простор што е парк, за спорт и рекреација, да направи зграда во етнички чиста македонска средина, во зелената површина, во близина на мојот дом.
Тогаш премиерот ме праша зошто не ја давам маркицата, а јас се обидов да му кажам дека законски тоа не е во ред. На крајот кога виде Груевски дека со мене не може да се разберат, министерот започна да ме навредува од страна. Реков дека ќе си станам и дека нема да ги слушам овие навреди. Тогаш ми рекоа во понеделник да бидам во 9 часот кај министерот Миле Јанакиевски, иако тој беше тука до него. Отидов на договореното и со мене беше еден второобвинетиот Сашо, но се повторија истите разговори. Во летниот период додека бев отсутен ( во притвор, н.з.) имаше обиди да му се даде маркица и се уште во прогамата на владата стои таква работа. Но јас тука не попуштив. Истиот тој Албанец доаѓаше кај мене неколку пати и ме прашуваше колку пари сакам, но јас го одбивав.

 

ЌЕ ГО ОБЈАВЕВ ТЕКСТОТ, АМА МЕ УАПСИЈА

ФОКУС Значи не подлегнувате на притисокот, но затоа подготвувате текст за Албанецот за општинскиот весник во април. Зошто не го објавивте?
ТОДОРОВСКИ Затоа што премиерот разбра за работата и за извесен период го тргнав текстот, бидејќи ни беше тригодишница на општината и не сакав да се крева врева, да биде циркус. Јас го имам сочувано текстот и сакав да го објавам во некој нареден број, но ме уапсија. Сепак, интересно е дека во истиот период покрај донацијата за црквата од „Елинг“, имаше уште една една донација од 100 илјади евра од еден висок функционер на ВМРО ДПМНЕ.

ФОКУС Тој ви ја дава донацијата?
ТОДОРОВСКИ Не, тој дојде заедно со уште еден човек. И за оваа донација поптишавме договор заверен во 6 примероци, и парите влегоа на сметката на здружението. На крајот од судскиот процес како последен сведок беше Коста Станоевски, секретарот на скопската епархија, кој потврди дека овие донации биле уредно пријавени на Црквата. Тој пред судот спомена 200 илјади евра донации и никој не обрна внимание дека не се 100 туку 200 илјади евра. Никој не потпраша ако „Елинг“ ако дал 100 илјади, од каде се другите 100 илјади евра.

ФОКУС Дали тој висок партиски функционер што ја дал таа донација имал некоја „мака“ со вашата општина?
ТОДОРОВСКИ Тој првично ми криеше дека во тој период купул плац без маркица во Општина Аеродром по багателна цена. Од кога се дадоа парите за донација за црквата, тогаш тој почна да ми зборува дека таму сакаат да градат нешто и му реков да запре малку, дека кога ја даде донацијата, не ми спомена вакви работи. Му кажав дека за друго што сака да гради, ќе треба Миле Јанакиевски да го праша. Но кога го прашав министерот, тој ми кажа дека нема шанси, зошто Миле воопшто не го трпи него, не знам зошто.
Зошто никој не ги споменува тие 100 илјади евра донација? Зошто не ме обвинија за нив? Кога бев на суд и во полиција кажав дека во тој период има уште 100 евра донација. Дајте еднаш осудете ме на 10 години, а не нон стоп да ме малтретирате. Другите 100 илјади евра не се пипнати исто така, туку стојат на сметка. Во секој случај, на човекот за кој ви зборував во еден момент му реков дека ако сметаат оти донацијата ми ја даваат како поткуп, веднаш бев подготвен да ги вратам парите. Ме напаѓаа дека сум лош менаџер и дека сите во светот така работат.

ФОКУС Но дали врвот на партијата знаеше за ова?
ТОДОРОВСКИ Па и ова е дел од партијата. Мислите ли дека Миле не знаеше за ова?

ФОКУС Дали во 2006 г. на парламентарните избори помагавте финансиски на вашата партија?
ТОДОРОВСКИ Пред изборите, во јуни доаѓаа тука, но јас не сакав да помагам. Доаѓаше и претседателот на советот на соседната општина, и секогаш доаѓаше во група со двајца-тројца и бараа пари. Јас не сакав да соработувам и ми се закануваа.

Имаше уште една една донација од 100 илјади евра од еден висок функционер на ВМРО ДПМНЕ

ФОКУС Во која смисла бараа пари? Од парите на општината ?

ТОДОРОВСКИ Од јавните набавки. Јас сега тука работам, на пример асфалтирам некоја улица и тоа чини 100 илјади евра. И од тие пари бараа дел. Не од мене директно, туку бараа на тој да му се јавам и да му ја кажам работата, но реков дека тоа нема да се случи. Ме прашуваа кој е председател на комисијата за јавни набавки и одеа кај него, кај оној што денеска пишува во весникот дека сум го избркал, што формираше синдикат.

ФОКУС Парите за кои ве осудија биле донација за градба за црквата, што судот ги квалификува како поткуп. Од друга страна скопската епархија за милиони евра купува хотели. Зарем не мислите дека и без вашето Здружение МПЦ има пари?
ТОДОРОВСКИ Зошто дедо Стефан не застана зад мене? Јас го споменав вчера и се заблагодарив на Македонската православна црква, бидејќи на крај смогна сили да прати претставник да каже дека се знаеле и дека дедо Стефан знаел за донацијата за која ме осудија. Значи било транспаретно давањето на пари.

 

АЕРОДРОМ ЗА НЕКОГО ЌЕ БИДЕ ЗЛАТНА КОКОШКА

ФОКУС Имате ли објаснување зошто откако господинот од „Елинг“ ги дава парите, донацијата или поткупот сеедно, минуваат 40 дена до денот кога ќе ве уапсат. Зошто чекале толку?
ТОДОРОВСКИ Тие мислеа дека кога тогаш ќе ги земам парите и тогаш ќе ме уапсат со пари во џеб, во кола или дома. Ама дојдоа изборите и тие избрзаа поради тоа.

ФОКУС Како пример дека се апсат и ВМРО-овци?
ТОДОРОВСКИ Латас многу често го кажува истото. И уште манипулираат со таа работа. Јас се уште сум член на ВМРО ДПМНЕ, но сега после оваа пресуда, очекувам да ме исклучат од партијата. Мартин Протуѓер веќе ме опомена.

ФОКУС Кога? Каде?
ТОДОРОВСКИ На 19-септември во петок ме пуштија од притвор. Следниот ден, се сеќавате, обив 4 брави за да можев да влезам во општината, бидејќи партијата ми подготвуваше отпор, лично да ме пречекаат пред вратата на општината и да не ми дозволат да влезам. По една недела ме повикаа на Комитетот за експанзија во градежништвото. Кога требаше да започне, ми пријде една девојка и ми шепна дека ме барал Мартин Протуѓер. Станав и тргнав по неа. Знам дека тој не сака да ме види, а не пак да седне со мене да разговара …

ФОКУС Зошто?
ТОДОРОВСКИ Бидејќи јас сум посебен карактер и чуден човек. Ми кажа:
„Ти немаш појма колкава непроценлива штета правиш на партијата и не знам дали тоа го правиш свесно или несвесно. Да застанеш и да престанеш, зошто знаеш што ќе ти се случи“.
Му реков дека што сака повеќе од она што ми го направија и дека и 100 години да бидам во затвор, ќе бидам истиот.
Мартин повторно рече:
„Еве, застани, молчи, не зборувај и престани со таа работа“.
Го прашав што ќе биде со Зиберовски, па претседателот на Советот на Аеродром, рече дека и ним ќе им каже и почна да врти на телефонот. Сега пред неколку дена се јави и Роберто, тој му е на Мартин Протуѓер како заменик. Јас пуштив во јавноста едно соопштение во врска со Синдикатот што го прават во општината дека всушност тоа се членови од раководството од ВМРО и почна да ми вика да престам веќе. А Роберто ми кажа дека се јавува во име на Мартин.

ФОКУС Значи цело време сте биле во судир со партијата?
ТОДОРОВСКИ Една од причините што сум притворен е да не одам повторно на втор мандат. Иако јас мислам дека ќе го добијам и вториот мандат. Сериозно размислував повторно да се кандидирам. Тие почувствуваа дека рејтингот ми расте кај граѓаните.

ФОКУС Сепак некои проекти сте ги прифаќале иако не сте верувале во нив?
ТОДОРОВСКИ Висококатницата, на пример, не беше моја идеја, туку Груевски и Миле Јанакиевски сакаа да ја претстават Македонија како земја на облокадери барем на хартија. Знам дека тоа е утопија и дека 500 ката- тоа го нема никаде во Европа. И Трифун Костовски викаше дека нема да потпише додека е жив, но како и јас и тој потпиша како попче за да има мир како градоначалник. На крај обајцата го потпишавме планот.

ФОКУС Зошто потпишавте, заради притисокот?
ТОДОРОВСКИ Да. Не сакав за се да влегувам во конфликт и ништо не пречи ако има висококатница. Јас со ДУП-овите направив наредниве години околу 10 милијарди евра инвестиција да влезат во општината и да се вработат 25.000 лица во наредните 10-15 години.

ФОКУС Значи тој што ќе дојде сега на вашето место, овде ќе се слева голема пара.
ТОДОРОВСКИ Да, општина Аеродром ќе биде златна кокошка.

 

РАМКА 1
Опасни игри
ТРЕБАШЕ ДА УПЛАТИМЕ ПАРИ НА ЖИРО СМЕТКА ВО СОФИЈА

ФОКУС: Велите дека уште пред кампањата почнало рекетирањето. Како?
ТОДОРОВСКИ Па, ви даваат жиро сметка и име на фирма во Софија за да уплатите пари. А, тоа не беа мали износи.

ФОКУС Пред да почне официјално кампањата за локални избори?
ТОДОРОВСКИ Пред да почне, јас бев одреден дека ќе бидам, ама уште не бев влезен на список. Ни даваа образец да ги уплатиме парите на една фирма отворена во Софија.

ФОКУС Фирмата е на Бугарин или на Македонец?!
ТОДОРОВСКИ Пополнувате нешто дека доброволно за некакви работи донирате пари некаде во Софија.

ФОКУС Чија е таа сметка во Бугарија?
ТОДОРОВСКИ Мислам дека сметката е на еден висок партиски функционер. Не верувам дека е на партија. Но тоа е многу опасно за мене и не би сакал повеќе да кажувам.

 

РАМКА 2
Математика

ТИЕ ПАРИ НЕ СЕ ВАДАТ ПРЕКУ ЕДЕН МАНДАТ

ФОКУС Кој беше мотивот да дадете околу 30 илјади евра, ваши пари? Обично луѓето што финансираат кампањи очекуваат тоа да им се врати?Си го повративте ли вложеното?
ТОДОРОВСКИ Верувајте дека јас сум многу хуман човек. Сакав да помогнам на општината, а тие пари не се вадат преку еден мандат, може дури во вториот. Во првиот мандат немате што да покажете. Јас имам некој ќар од оваа работа што земам 68 илјади денари месечно или илјада евра и кога ќе помножите со 12 месеци тоа се 12 илјади евра. За 4 години мандат тоа се 50 илјади евра и во овој период најверојатно сум ги повратил тие пари.
Може не сите, но имате привилегии, личност сте, ви годи работата. Но сепак најтешка работа во животот ми била оваа, најѓаволска работа, бидејќи цело време сте под контрола, ве снимаат, ве следат, секој да може да ве малтретира. Сто пати на човек да му помогнете, сто и првиот пат да не му дадете помош, ништо од претходно не се важи. Многу е битно дали влегувате за да ќарите или влегувате за некоја друга цел. Многу е важно да ја сакате општината. Секогаш сум викал дека ако некогаш бидам на позиција, нема да бидам како овие другите што крадат, дека има и поинаков начин на работа. Условно речено горд сум што направив европска општина.


РАМКА 3
Последици
ЌЕ МЕ УНИШТАТ И МЕНЕ И СЕМЕЈСТВОТО

ФОКУС Какви реакции очекувате после разговорот за Фокус?
ТОДОРОВСКИ Дека ќе ме уништат психички, финансиски и физички и мене и семејството.

ФОКУС Во која смисла?
ТОДОРОВСКИ Нека ви каже син ми како го бркале, како го притискале, како му правеле сообраќајки, како го следеле. Дури влегувале дома и го тепале кучето со клоци. Го наоѓавме прекршено и сокриено под кревет.

ФОКУС Обивано ви е дома?
ТОДОРОВСКИ Ги менуваме неколку пати бравите и има ситуации каде од колата на син ми му се земени клучеви и новчаник. Од каде Алфите се погодиле веднаш до него?! Тој ги препознал. Знам и дека неколки години ме прислушкуваат.

Поврзани новости