„Не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ со земја која ја киднапира нашата иднина“

by Fokus

Евгениј Цимбаљук – украинскиот амбасадор во ОБСЕ во обраќањето на 30. Министерски самит во Скопје, изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.

Тој симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија досега има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.

– На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје – нагласи Цимбаљук.

Според него, ОБСЕ покажа дека е најкорисно, кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.

– Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца – порача Цимбаљук.

Поврзани новости