Судијата од Апелациониот суд, Енвер Беџети за кого Судскиот совет утврди дека неоправдано долго го чувал во фиока предметот „Таргет-Тврдина“, односно за масовното прислушување денеска не го доби потребниот број на гласови за да напредува од вторсотепениот суд во највискиот, Врховен суд.
Беџети конкурирал и за во кривичниот и за во граѓанскиот оддел, но не доби поддршка ниту за двата оддела.
Укинувањето на предметот за прислушувањето во кој беше осуден поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков се најде и во извештајот на Стејт Департментот затоа што му ги зголеми шансите на Мијалков да му застарат делата за овој предмет.
За Беџети „за“ гласаа четворица членови на Судскиот совет, а „против“ беа осуммина. Ист број на гласови „за“ и „против“ добија и судиите Зоран Димитриевски, кој беше прворангиран, Татјана Дуковска и Енвер Амзаи, сите судии во Апелација.
Единствено судијката Данка Ристова доби шест гласа „за“, но недоволно за да премине во Врховен.
Па така кривичниот оддел во Врховниот суд остана со петмина судии Џемали Саити, Африм Фидани, Сафет Кадрии, Мирјана Лазарова-Трајковска и Цветанка Периќ. Зошто Судскиот совет не ги избра пријавените кандидати, членовите не дадоа образложение.
Судски сепак ги пополни двете места во граѓанскиот оддел од Врховниот суд, па судијките од скопска Апелација Анита Бошковска и Катерина Георѓиевска добија по 10 гласа „за“ и 2 „против“.
На денешната седница се избираа и судии во Апелацискиот суд Гостивар, таму судии станаа Даут Рустеми и Александар Милошевски.