Од секретар во Боговиње до судија кој експресно напредувал – кој е судијата кој го „чувал“ предметот за Мијалков?

by fokus

Почнал како секретар во општина Боговиње, а стигнал до судија во Апелациониот суд кој решавал за судбината на предмети за висок криминал и од голем јавен интерес.

Јавноста не знае како изгледа судијата Енвер Беџети кој бил судија известител во Апелација за предметот „Таргет-Тврдина“ и кој со месеци го чувал во фиока предметот за масовното прислушување којшто е на чекор да застари и кој на крај заврши со одлука на второстепениот суд за укинување на пресудата, односно 12 – годишната казна за поранешниот директор на Управата за безбедност контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Тој денеска е во фокусот на јавноста откако Судскиот совет утврди дека Беџети како судија известител на предметот како надлежен за динамиката на движење на овој случај со месеци неоправдано не го решавал масовното прислушување иако решавал и нови предмети што му биле доделени.

Девет месеци им требало на судиите да одлучат од одржувањето на јавната седница за овој предмет до донесувањето на одлуката со што судиите создале услови за застарување на постапката, што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка.

Според биографијата што е објавена за Беџети на веб – страницата на Апелациониот суд, Беџети дипломирал на Правниот факултет во Приштина во 1990 година, а правосуден испит положил во 2004 година.

Започнал да работи како секретар во општина Боговиње, бил управител на приватна фирма, а потоа бил генерален секретар на Тетовскиот Универзитет, во период на граѓанска инициjатива 2002-2004 година.

Беџети потоа бил адвокатски приправник, а од 2005 до 2010 година работел како адвокат.

Првпат бил избран за судија во Основен суд Скопје 1 на 14.01.2010 година, односно кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, а во Апелација напредувал многу брзо, односно за две години, на 4.12 2012 година, бил избран за судија во Апелација каде прво постапувал по граѓански предмети.

Сега постапува по кривични предмети и бил определен да го заменува претседателот на Судот кога е отсутен.

-Има следено над 30 семинари и работилници како Адвокат, а од 2010 година следени над 60 семинари и обуки организирани од страна на Академијата за судии и јавни обвинители, се вели во неговата биографија.

Според неговиот анкетен лист, кој го доставил до Антикорупциската комисија, на свое име пријавил стан во Тетово од 87 метри квадратни, деловен простор, исто во Тетово, како и куќа во Пирок, од подарок и земјоделско земјиште во истото село и неколку моторни возила.

Но, Беџети не се задоволил со Апелација, па конкурирал и за судија во Врховниот суд. Неговиот син, пак е на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на обуката.

Беџети бил судија известител и за случајот „Транспортер“ во којшто му се судеше на поранешниот градоналачник на општина Битола, Владимир Талески. Овој предмет три години седеше во фиоката на Апелација.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости