Не бил само синот на Џафери, 449 студенти на Универзитетот на ЈИЕ завршиле во сива зона

by fokus

Не бил само синот на собранискиот спикер, Талат Џафери кој завршил три години правни студии на Правниот факултет на Универзитетот на Југоистична Европа, а се здобил со степен на образование од 7/1, односно како да учел четири години Правен факултет.

Според податоците што ги добила Државната комисија за спречување на корупцијата од Инспекцискиот совет кој извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот, констатирале дека во тој период постоела една сива зона во којашто за помалку години завршено високо образование се доделува степен како да се завршени четири години.

-Всушност побаравме на колку студенти им се издадени вакви уверенија . Oдговорот беше дека на 449 студенти кои кои диломирале на Правниот факултет при овој универзитет им е издадено уверение за завршени студии во траење од шест семестри  во кое е наведено дека се освоени 180 кредити и наведено е дека се здобиле со степен на образование од 7/1 дипломиран правник, рече Ивановска на седницата.

Ова го кажа претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска на седница минатата недела кога го презентираше предметот за Барлет Џафери, синот на собранискиот спикер за кого констатираше дека завршил правосуден испит пред да добие триста кредити, потребни да се добијат за да се биде дипломиран правник, односно да се полага правосуден испит.

Всушност од документите што ги добила Антикорупциската комисија од Академијата за судии и јавни обвинители, Барлет Џафери се стекнал со 300 кредити, односно се здобил со уверение за завршување постдипломски студии, магистратура, на 7 јули 2015 година, а во февруари, пет месеци, претходно положил правосуден испит.

Одговорноста за ова Антикорупциската комисија ја бара на оној кој му дозволил да полага правосуден испит со само 180 кредити, односно завршени три години.

Тогашен министер за правда бил Аднан Јашари од ДУИ, кој според одредени толкувања, како министер имал дискреционо право да му дозволат на кандидат да полага правосуден испит со 180 кредити, кои иако значеле тригодишно завршено образование, сепак биле впишани како 7/1 степен.

ДКСК тврди дека не можат да покренат постапка бидејќи делото е застарено. Во декември синот на Џафери треба да ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители и да стане обвинител или судија.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости