НДМ бара од Заев да го разреши Тевдовски поради високите бонуси во ДИК

by fokus

Партијата Народно движење за Македонија, упати јавно барање до премиерот, Зоран Заев, да го разреши министерот за финансии, Драган Тевдовски, како што велат од таму, затоа што е одговорен за високите бонуси кои си ги поделиле членовите на ДИК.

Според партијата на Јанко Бачев, министерството за финансии знаело практично се за одобрените буџетски средства за редовни и дополнителни плати на ДИК како буџетски корисник.

„Од тука произлегува дека членовите на ДИК се полакомиле откако министерството за финансии им ги дало парите за непотребно луксузирање врз грбот на даночните обврзници што е длабоко неморален чин од министерот кој раководи со ова министерство. Затоа, НДМ бара разрешување на министерот за финансии бидејќи вината не е само кај тие што краделе народен имот, туку, и кај тие што им ја одобриле и дозволиле кражбата“, се вели во соопштението на НДМ.

Од таму изразуваат задоволство од оставките на членовите на ДИК, но велат дека тоа не е доволно.

„Според законот, токму министерството за финансии води регистар на корисниците на буџетските средства, управува со финансиските средства од Буџетот, за што, во негови рамки се основа и трезор кој води евиденција на сите трансакции на приходите и трошоците на буџетот, ги анализира и оценува предлозите на буџетските корисници за средствата кои им се потребни за плати, а по усвојувањето на буџетот мининистерството за финансии ги известува буџетските корисници за средствата што им се одобрени за плати“, посочуваат од партијата.

Поврзани новости