Наумов: Ќе поттикнеме 16 илјади вработувања годишно во приватниот сектор

by Фокус

-Клучен приоритет е поттикнувањето вработувања во приватниот сектор. Затоа уште во првата година, за 4 пати во однос на просекот од претходните години, ќе ја зголемиме сумата којашто се издвојува за активни мерки за вработување и таа ќе изнесува 22 милиона евра. Бројот на лицата кои директно ќе се вработат со овие мерки очекуваме да изнесува во просек 16 илјади лица на годишно ниво, изјави денеска Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ.

Тој рече дека ќе се воведе регионален пристап во креирањето активни мерки за вработување, а средствата за финансирање на овие мерки за вработување ќе се обезбедуваат на два начини.

-Во зависност од состојбите во осумте плански региони, се креираат активни програми за вработување со активно учество и поддршка на локалните заедници. Средствата за финансирање на активните мерки за вработување се обезбедуваат на два начина во државниот буџет со пренамена на парите од непродуктивната потрошувачка, како на пример трошења за административни згради, споменици, прескапи огради и со ослободување средства како резултат на максималното зголемување на транспарентноста во јавните трошења при имплементацијата на Првиот столб од Визијата за Македонија, рече Наумов.

Според него, приоритет на СДСМ се и големи јавни инвестиции, пред сѐ во енергетиката, за чијашто изградба, како што рече Наумов, актуелната популистичка власт нема интерес, а без нив нема економска иднина.

-Ние ќе работиме на обезбедување државен консензус за неопходни крупни инвестиции во Македонија во следните 15 години – до 2030 година. Тоа значи преземање обврска од страна на сите партии, која и да е на власт, да ги реализира тие крупни и важни инвестиции со вложување од најмалку 500 милиони евра годишно. Актуелниот ad hoc пристап за вакви проекти само штети на земјава и нема развојна цел. За да го олесниме финансирањето на овие крупни инвестиции, формираме компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку којашто се насочуваат дел од инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија, рече Наумов.

Поврзани новости