Тевдовски: Домашните компании ќе ги направиме столб на македонската економија

by Фокус

Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски, денеска одржа пресконференција на која презентираше дел од економските мерки кои се предвидени во програмата на СДСМ „Визијата за Македонија“. Тој истакна дека целта на СДСМ е да се победи нееднаквоста во опшеството и да се врати средната класа.

-Ние сметаме дека странските инвестиции се дополнување на домашните, а не нивна замена. Затоа, целиме кон нови странски инвестиции со грижа за постојните, но основата на економијата во Македонија ќе бидат домашните претпријатија. Со цел да обезбедиме транспарентност за странските инвестиции ќе ги објавиме договорите за сите постоечки и идни инвестиции во ТИРЗ-овите, рече Тевдовски.

Тој дополни дека примарна цел е развојот на малите и средните претпријатија. Во таа насока, презентираше и неколку примери, односно мерки, со кои тоа ќе се постигне:

-Годишната државна поддршка за малите и средните претпријатија е во износ од 20 милиона евра во првата година (100 пати повеќе од просекот за време на актуелната власт). Планот е поддршката да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства се дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од ЕИБ.
-Докапитализација на Македонската банка за поддршка на развојот со цел поголема кредитна поддршка и способност за реализација на гарантна шема.
-Основање инвестициски фонд за вложување во старт ап и МСП со малцинско учество на државата, а повеќе од 51% да биде во сопственост на заинтересирани приватни субјекти.
-Креирање старт ап центри во сите поголеми општини, во кои државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе старт ап компании заедно со инфраструктура и заеднички служби (оддржување, архива, сметководство и сл.) коишто ќе бидат бесплатни за учесниците во центарот.

Поврзани новости