Наум се пожали дека владини музичари добиваат концерти, па настапи на концерт поддржан со 18.000 евра државни пари!

by Fokus

Откако пред десет дена за ,,Фокус” се пожали дека најголемите концерти во земјава биле доделени на владини музичари, фолк пејачот Наум Петрески во саботата настапи на концерт финансиски поддржан од Владата со сума од 1.107.000 денари, односно околу 18.000 евра.

Станува збор за настанот кој се одржа во Куршумли Ан, по повод 30 години независност на Македонија, под слоганот ,,За многу години Македонци”. Покрај Петрески, настапија и неговата сопруга Зуица Лазова, Виолета Томовска и ,,Синтезис”, а во организација на Award Promotion.

Според информацијата која ја објави Владата кон крајот на минатиот месец, преку јавен повик за финансиска поддршка за индустријата за организација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Македонија, одобрени биле 61.499.421 денари, односно околу еден милион евра.

Средствата биле распределени на 33 правни лица, односно на продукции и друштва за културно-сценски дејства, за проекти кои содржат музички концерти, театарски претстави, туристички прошетки, поетски читања, едукативни работилници и друго, со задолжително ангажирање на домашни изведувачи.

Во описот на проектот, односно концертот ,,За многу години Македонци” на кој настапи Наум, наведено беше дека е настан на кој македонската култура и традиција ќе бидат претставени преку индентитетските специфики на македонскиот народ и промоција на македонскиот јазик.

-Концерт со народна музика изведена од Виолета Томовска, Наум Петрески, Зуица Лазова и ,,Синтезис”, кој би се одржал во Куршумли Ан – беше објавено на владината страница во јуни, годинава.

,,Фокус” се обиде да добие коментар од Петрески по повод концертот финансиски поддржан од Владата, но тој не одговори на нашето прашање поврзано со настанот.

Во минатото, пејачот беше редовен музички гостин на митинзите на ВМРО ДПМНЕ, а за забавувањето на публиката добивал 2.000 евра. Хонорарот беше обелоденет во финансискиот извештај на ВМРО ДПМНЕ во 2019 година. Покрај него, тогаш по 2.000 евра за настапи на митинзите добиле и Андријана Јаневска и Миле Кузмановски, а пак актерите Јелена Жугиќ и Зоран Љутков, кои ги најавуваа кандидатката за претседател Гордана Силјановска и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, добиле хонорари од по 1.000 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости