Наведната глава сабја не ja сече

by Fokus

Отсуството на реакција на народот, наведнувањето на главите и затвoрањето на очите пред криминалот, корупцијата и забегувањето на носителите на власта овозможува државата да биде заробена, а институциите партизирани и нефункционални

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Поговорка е кратка изрека, која содржи животна мудрост или мудра мисла, понекогаш стилски нагласена, иронично или духовито, или поетски во рима. Поговорките го карактеризираат секој јазик и сите култури, а првите пишани се наоѓаат и во Библијата помеѓу мудростите од Стариот завет.

Поговорките и изреките ја отсликуваат и духовната состојба на еден народ, неговото животно искуство низ вековите и ставовите кон определени животни ситуации. Поговорките честопати се одговор на определени случувања и стравувања во животот на еден народ и ја отсликуваат историската и општествената ситуација во која тој народ се наоѓал.

Преку поговорките можеме да го претпоставиме одговорот, односно реакцијата на најголемиот дел од народот на определени ситуации и случувања.

МУДРИ МИСЛИ

Кај нас, една од најчесто употребуваните поговорки е „Наведната глава сабја не ја сече“. Мудра мисла, која го опишува минатото на овој народ кога бил поробуван, мачен, истребуван, минатото во кое требало да се сочува главата за да се опстои, за да се постои. Сè што стрчело, сè што било поинакво, сè што не се покорило и поклонило било скратено за глава како пример за другите.

Но, оваа поговорка и ден денес се употребува и сè уште поголемиот дел од овој народ се придржува кон неа свесно или несвесно, штитејќи се себеси или блиските од посилниот, од власта. Токму затоа во Македонија е можно да се случува она што се случува, токму затоа е можно власта и оние на власта да се однесуваат апсолутистички и како да се предодредени за да бидат на власт, а народот да им е на подразбирање и нужно „зло“ со кое треба да се владее.

Отсуството на реакција на народот, наведнувањето на главите и затворањето на очите пред криминалот, корупцијата и забегувањето на носителите на власта овозможува државата да биде заробена, а институциите партизирани и нефункционални.

Немањето општествена реакција на определени појави и однесувања во општеството овозможи и понатаму власта и носителите на власта да се комотни, да прават што сакаат и да се недопирливи, а народот со сведната глава да молчи, да се прави дека не гледа и да се плаши.

ИМА И ПОЛОШО

„Ќути има и полошо“ – е уште една од изреките, која и ден денес важи и која народот ја употребува, тешејќи се себеси и блиските со она што ги снашло, со она што им се случува. Мирејќи се со ситуацијата во која е, голем дел од народот беспоговорно ја прифаќа не така розовата реалност, тешејќи се себеси дека од ова лошо има и полошо и секогаш споредувајќи се со оној кому е полошо и од ова.

Ама има и подобро кон кое би требало да се стремиме, но тоа би значело дека главите треба да се дигнат, а сабјата е секогаш тука некаде. Токму затоа овој народ останува мирен и кроток на сè што му се случува и со секоја ситуација се мири и останува нем и инертен.

„Така бараат големите, не е до нас“ – е најчесто употребувана изрека што ја употребува власта и оние кои се во неа секогаш кога не сакаат нешто да направат, односно кога сакаат нешто да забошотат, сокријат, прикријат или да истераат по свое, а за тоа немаат аргументи.

Ако се случи некој да даде предлог поинаков од оној на партиските и државни функционери, ако се побуни против некакво решение и понуди друго решение, а носителите на власта немаат аргументи, следува повикувањето на „големите“ и префрлањето на одговорноста на нив. А, кој ќе им се спротивстави на големите, кога и сабјата и полошото се тука и само чекаат.

Времето е зад нас, времето е пред нас. Штом почнеш подолго да мислиш за она што било или за она што ќе биде, веднаш го губиш она што е суштествено – вистинскиот живот во сегашноста. Лав Николаевич Толстој.

Поврзани новости