НАТО ја прими Македонија во Програмата за унапредување на образованието во одбраната

by fokus

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со писмо ја информираше министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека е прифатено барањето на Владата, Република Македонија да биде дел од Програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната.

Во писмото до министерката Шекеринска, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, вели дека е добредојдено барањето на нашата држава за приклучување кон оваа програма и дека во следниот период тим од Секторот за политички прашања и безбедносна политика на НАТО ќе организира студиска посета на Македонија за утврдување на поддршката која е потребна.

„Врз основа на успехот на програмата досега, убеден сум дека таа ќе ги зајакне вашите институции за образование во одбраната, особено вашата Воена Академија. Образованието е критичен фактор на трансформација и нашата соработка во оваа област ќе ги поддржи и унапреди вашите напори за реформи во одбраната. Со нетрпение ја очекуваме нашата засилена соработка и продолжувањето на нашата дискусија за време на вашата посета на седиштето на НАТО во Брисел на 27 септември“, се наведува во писмото од генералниот секретар на НАТО.

Програмата за унапредување на образованието во одбраната е моторот зад реформите во одбраната, давајќи соодветна практична поддршка на земјите во развојот и реформите на нивните професионални воено-образовни институции. Таканаречената ДИП-програма (DEEP – Defence Education Enhancement Programme) од 2013 досега има организирано над 680 настани и има ангажирано над 1.240 експерти од Алијансата. Оваа програма е под водство на Соединетите Американски Држави, Канада, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Чешка, Франција, Италија, Литванија, Полска, Бугарија, Романија, а поддржана од сите земји-членки на Алијансата и конзорциумот на Партнерството за мир. Сега за прв пат пристап до програмата добива и Република Македонија.

Поврзани новости