Наташа Габер-Дамјановска: Контрадикторна е одлуката на Уставниот за исфрлените новинари на 24 декември

by Фокус 15:23
15:23

Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска во април годинава не се согласила со своите колеги дека Уставниот суд треба да ја одбие инцијативата на новинарите за случувањата на 24 декември 2012 година во Собранието. Новинарите, меѓу кои и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани побараа судот да утврди дека е повреден највисокиот државен акт со тоа што преставниците на медиумите беа отстранети од собраниската галерија за време на инцидентот.

„Моето издвоено мислење се однесува првенствено на неможноста објективно да се произнесам за предметот, кој верувам дека е мошне специфичен случај за кој требаше да се земат предвид сите информации кои ги разјаснуваат правните и фактичките околности врзани со него. Со оглед на тоа дека информациите, фактите и доказите кои ги имаше судот пред вид при одлучувањето беа единствено од писмена природа, сметам дека беа недоволни да се донесе мериторна и темелно одмерена одлука. Воедно жалам што судот не покажа спремност да се расчистат дилемите преку организирање на јавна расправа на која ќе се добиеше точен увид во фактичката состојба и изворно ќе се добиеја детални информации за настанот од сите инволвирани страни“, напишала судијката во своето издвоено мислење.

- Advertising -

Според неа одлуката сама по себе е контрадикторна во своите наводи.

„Прво афирмативно и широко ја обработува слободата на изразувањето…, но заклучува оправдувајќи ја интервенцијата (спорното дејствие) на собраниското обезбедување, и која се образложува со „заштитата на безбедноста, јавната сигурност и заштитата од немири или кривично дело, како и заштита на правата на другите…“ без притоа да постои цврста фактичка состојба која би го поткрепила тој став“, нотирала Габер-Дамјановска.

За да се утврди фактичката состојба, смета судијката, потребно било да се расчисти која била причината собраниското обезбедување да ги отстрани новинарите од галеријата, и покрај очебијниот факт дека сите инциденти и безредието во собранискиот партер физички биле јасно изолирани и оддалечени од неа.

„Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за „безбедност на новинарите“, кога очебиен факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право, бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност. Факт е и дека новинарите не придонеле за конфликтната ситуација на ниту еден начин (тоа не го негира ниту дописот од Собранието), не го нарушиле редот во зградата на Собранието, немале непосреден допир со претседателот на Собранието или со пратениците, ниту пак со настаните надвор од зградата“, стои во издвоеното мислење на уставната судијка.

Според неа избегната е суштината на прашањето со образложението дека новинарите потоа непречено ја следеле собраниската седница, што имплицира дека тие се надлежни само за следење на самата седница и ништо повеќе од тоа.

„Практично, на новинарите им било ускратено следењето на настаните кои се врзани со Собранието и состојбата на лица кои се избрани претставници на граѓаните, а што е несомнено од особен јавен интерес. Нејасно е и зошто ако навистина постоела грижа за безбедноста на новинарите, не се отстранети и оние кои се наоѓале во ходниците или во прес-центарот, што значи колку целисходна била проценката дека новинарите биле во опасност во галеријата, а не по ходниците кои комуницираат со собраниската сала“, коментира Габер-Дамојановска.

Целата одлука на Уставниот суд и издвоеното мислење на Наташа Габар-Дамјановска (најдолу во текстот), можете да ги прочитате на овој линк.

Поврзани новости