По вчерашниот напад врз новинари за време на протестот организиран од иницијативата „За заедничка Македонија“ на својот Фејсбук профил се огласи претседателот на ЗНМ Насер Селмани. Тој тврди дека како главен инспиратор на нападите врз новинарот Александар Тодевски и снимателот Владимир Желчевски, го смета Никола Груевски. Ви го преенсуваме во целост неговиот став.
„Колегите на А1Он, новинарот Александар Тодевски и снимателот Влатко Желчевски, кои денеска беа брутално нападнати со боксови и клоци од учесници на протесниот марш на граѓанската платформа „За заедничка Македонија“, се добри, ако може така да се рече во вакви прилики.
Докторите во урегнтниот центар, после сите контроли и снимања, не смируваа дека нивната состојба е стабилна, со препорака во наредните 24 часови да бидат под лекарски надзор. Да се надеваме дека колегите нема да имаат сериозни последици од денешниот кукавички напад.
Како претседател на ЗНМ, вечерва дадов изјави за неколку медиуми и сакам уште еднаш да повторам дека за главен инспиратор на денешниот напад против колегите Тодевски и Желчевски го сметаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Го повикав да ги собере неговите насилници од улиците и да им нареди повеќе да не им текне да напаѓаат новинари. Ги предупредив дека правдата, кога тогаш, него и неговите пајташи ќе ги стигне.
Знаете зошто ние имаме прово да се сомневаме дека Груевски стои зад денешниот напад на новинарите?
Затоа што во изминатите пет години, додека тој беше премиер на Македонија, се случија 40 напади против новинари, а неговата влада не расветли ниту еден. Ниеден насилник не беше изведен пред лицето на правдата. Напротив, насилството беше толерирано, дури што неговиот заменик Пешевски среде бел ден во Скопје физички нападна новинар. Неговото лично обезбедување влезе во просториите на Телевизијата 21 и принуди новинар да ги избрише сликите со Груевски.
Во негов мандат беше затворена А1 Телевизија, најгледаната приватна телевизија во Македонија.
Беа апсени двајца новинари со апсурдни обвиненија. Додека неговиот братучед раководеше со тајната полиција над 100 новинари беа прислушувани.
Груевски лично координирал со формирањето на фиктивното здружение на новинари за што има доста докази во прислушуваните разговори, кои опозицијата ги предаде во Специјалното јавно обвинителство.
Медиумите под негова контрола постојано спроведуваа кампањи против новинари со цел нивна јавна дискредитација. Истите медиуми, постојано ширеа говор на омраза со повикување на јавен линч против новинари само затоа што ги критикуваа неговите политики.
Вечерва им предложив на членовите на Управен одбор утре да повикаме на протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Се надевам дека до утре ќе имаме одлука, со која ќе ги утврдиме деталите, за што навреме ќе ве информираме.
На крај, сакам јавно да му се заблагодарам на министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу за неговиот човечки и професионален однос во врска со денешниот напад врз новинарите. Постојано бевме во контакт и не информираше за детали околу инцидентот.
Освен тоа, се согласи веднаш утре во десет часот да се сретнеме во неговиот кабинет и да поразговараме за денешниот инцидент, но и за сите досегашни инциденти.
Се надевам дека до утре полицијата ќе успее да ги идентификува насилниците и ќе покрене соодветни постпаки. Таква порака е многу битно да се прати до јавноста за да разбере секој дека полицијата нема да толерира насилството и дека секој што ќе ја земе правдата во свои раце, ќе одговара“- порача Селмани.
Министерот Агим Нухиу од МВР испратил информација до ЗНМ дека се приведени лица осомничени за нападот врз новинарската екипа на А1 он. Тој додал дека се работи на расчистување на случајот.
Вики Клинчарова