„Државата“, „народот“ и „опозицијата (СДСМ)“, се најупотребуваните зборови во говорите на премиерот Никола Груевски, покажува дискурзивната анализа на популизмот во неговите јавни настапи во говори, направена од страна на НВО Инфоцентарот.
Според оваа анализа врз основа на шест јавни настапи, односи говори на премиерот во 2013 и во 2014 година, насловена како „Кој е народот на Груевски“, тој најмногу го употребил зборот „држава“, дури 102 пати.
Следува „народот“ со 48 пати, но всушност неговата употреба е многу поголема доколку се пресмета и нечленуваната форма „народ“, како и неговите синоними „граѓани(те)“ и „луѓе(то)“.
Потоа доаѓа употребата на „СДСМ“ со 42 пати, а често во негативен контекст се споменуваат и актуелниот и поранешниот претседател на најголемата опозициска партија, Зоран Заев и Бранко Црвенковски.
На крајот, се употребуваат придавката „нови“, како и именките „работа“, „проекти“, „доверба“…
„Кога настапува како толкувач на травматични и конфликтни настани, како, на пример, случувањата од 24 декември 2012 година и извештајот на Анкетната комисија, во својство на партиски лидер или народен трибун, говорите на Груевски ги содржат сите елементи на популистичка мобилизација. При тоа, во овие говори доминира употребата на термините „народ“ и „СДСМ“, кои одат рака под рака, затоа што нема „народ“ без „непријател на народот“, односно непријателот е најважниот заеднички содржател кој претставува сврзно ткиво на популистичкиот дискурс“, се наведува во анализата.