ТД Ровињ: Македонскиот тутун претставува најважен ориентален тутун во нашето производство

by Фокус

ТДР, водечкиот производител на цигари во Југоисточна Европа, континуирано го проширува своето работење на македонскиот пазар. Во последните три години зголемен е уделот на пазарот, приходите и количината на продадени цигари, а зголемено е и количеството на македонскиот тутун кој ТДР го откупува за производство на своите цигари.

Во 2013-та година ТДР во Македонија продаде 510 милиони парчиња цигари, што е раст од 7 проценти во однос на претходната година. Во последните три години продажбата на цигари на ТДР на македонскиот пазар бележи раст со просечна годишна стапка од 16 проценти. Растот продолжува и во текот на оваа година, во која ТДР бележи понатамошно зголемување на уделот на пазарот, кој денес изнесува 7,3 проценти. Во Буџетот на Македонија ТДР уплаќа околу 16,3 милиони евра годишно.

“ТДР континуирано бележи раст на македонскиот пазар. Со продажбата на нашите производи, ТДР е присутен на пазарот и како значаен откупувач на македонскиот ориентален тутун. Од година во година ја зголемуваме количината на откупениот тутун, па така минатата година се откупени 1.050 тони тутун, што е раст од 5 отсто во однос на претходната година. Македонскиот тутун претставува најважен ориентален тутун во нашето производство и сите наши цигари содржат македонски ориентален тутун”, изјави на денешната прес конференција во Скопје претседателот на Управата на ТДР, Мато Задро. За разлика од остатокот на регионот, пазарот на цигари во Македонија е стабилен на што најмногу влијаеше фактот што во изминатите седум години немаше раст на акциза. За следниот десетгодишен период е утврден календар и динамиката со која ќе расте акцизата. Таквата стабилност на регулаторното окружување значително придонесува за стабилноста на тутунската индустрија во Македонија. Иновациите и проширувањето на своето работење се темел за иден раст и одржлив развој, така што на македонскиот пазар оваа година ТДР лансираше нови производи во семејство Ronhill – Ronhill wave. Исто така, нови производи беа лансирани и во брендови Walter Wolf и Benston, а со иновациите ТДР продолжува и понатака.

ТДР – единствената независна компанија во Европа која е лидер во домашниот и регионалните пазари

И покрај кризата и сите неповолни услови на пазарот, ТДР е водечки производител на цигари во југоисточна Европа. Со континуираното проширување на своето работење во една од најконцентрираните светски индустрии, ТДР ја стекна својата позиција како една од најуспешните независни тутунски компании. ТДР е единствената независна компанија во Европа која е уверлив лидер на домашниот пазар и на пазарите во соседните земји.

Поврзани новости