Народниот правобранител Иџет Мемети денеска бил спречен да зборува во парламентот на седницата за ребаланс на Буџетот, дознава НОВА од извори во парламентот. Канцеларијата на правобранителот го потврдила инцидентот. Службите на парламентот му пристапиле на Правобранителот пред почетокот на седницата и му рекле дека нема право на збор на ваков тип за седница за ребаланс. Тој се обидувал да им објасни дека има право, но тие тоа не го прифаќале по што тој си заминал. По некое време, службите на Парламентот увиделе дека направиле грешка и му се јавиле на Мемети да се врати назад, но тој одбил.
– Запрепастувачки беше тоа што се случи, не може до толку да не познаваат процедурите и законите. Правобранител беше практично набркан, а отиде таму за да го одбрани својот буџет со кој им се помага на граѓаните на Македонија и да ги повика пратениците да излезат во пресрет на потребите на институцијата Народен правобранител, велат од Канцеларијата за НОВА.
Правобранителот сакал да се обрати во Парламентот, бидејќи со ребалансот Владата реши да го скрати Буџетот на институцијата „Народен правобранител“ за 4 милиони и 236 илјади денари од тековната 2015 година.