Учениците да не се попречуваат во правото на мирно изразување на незадоволство, односно правото на слободно мислење и слободно изразување по однос на сите прашања кои ги засегаат децата и младината, согласно законите и меѓународните документи ратификувани од страна на Македонија, апелира Народниот правобранител по сознанијата дека на средношколците им се врши притисок и закани да не излегуваат на протести поврзни со екстерното тестирање.
– Само по пат на комуникација и разговор за проблемите може да се очекуваат конструктивни и издржани промени, со кои ќе се постигне квалитетно образование, а со посветувањето на потребното внимание за ставовите на младите ќе се потврди дека се почитуваат како субјекти, и му се дава важност на нивното учество при носењето одлуки кои ги засегаат директно децата и младите – се вели во апелот на Народниот правобранител.