Рушењето на импровизираната ромска населба под Кале во која живееја стотина граѓани, народниот правобранител го оцени како нехумана и неприфатлива акција. Обдусманот апелираше до скопските власти, на ромските семејства итно да им најдат покрив над главата.
„Неприфатливо е да спроведуваат акции од ваков тип кои не се хумани и без претходна координација со надлежните органи за обезбедување на место каде ќе се сместат семејствата чии домови треба да се урнат, макар тоа било и импровизирани објекти. Неспорно е дека објектите во кои живееле со години се импровизирани, но исто така неспорно е дека ниту еден орган во овој повеќегодишен период не се заложил проблемот да го реши со соодветно домување на овие семејства, туку тие се оставени буквално надвор, без каков било покрив над главата. Меѓу нив има жени, деца, што укажува дека целта на акцијата била уривање, без да се води сметка што понатаму со членовите на семејставата, и каде тие ќе продолжат да живеат – рече Народниот правобранител Иџет Мемети.