НАРОДЕ КОЈ ТЕ ‘’ МОТА ОКО ПЛОТА’’…

by fokus 11:26
11:26

Аирлија! Еве ново чачкање мечка кај што не треба. Се актуелизира Трговски Центар и народот голтна нова удица да има што да се јаде бурек додека на тајните вечери политичките апостоли бараат  чаре како да се исперат лајната од минатото и на народот да му се понуди „нова светла иднина’’.

Почетокот на менувањето на ликот на трговскиот центар по мое лично видување ке биде само фрлање земја врз веќе погребаното Скопје.  Синонимот на градот. На крајот на седумдесетите години бев член на групата ‘’Тост Сендвич’’ и првиот хит на таа група носеше наслов „Пред Ванила’’. Тоа само постарата генерација може да си го доживее во сеќавањата.  Јас бев авторот на текстот кој одеше овака:

Ко порано, традиција,..  ‘’сред село’’ што била

Денес исто така е, – сите пред Ванила

Денес после толку време сведоци сме на убиството на култното собиралиште, на чие место стои триумфалната порта на човечкото лудило и општествената психопатија. Агонија во континуитет. Прашањето е дали околу четристотините иљади кои побегнаа и се иселија од државата еден ден триумфално ке се вратат и ке поминат низ портата како „се враќаме дома’’ , се враќаме на местото на кое прв пат се заљубивме, прв пат запаливме цигара побегнати од часови, прв пат почувствувавме дека им се допаѓаме на нечии зелени очи.

Деј гиди, луди млади години…

Каде е вистината? Што е вистина? Кој лаже? Кој краде? Кој сере ‘’онака без везе’’ колку да биде интересен? Кој се колне у мајка а пцуе туѓа? Кој е патриот? Што е патриот? Што е тоа државен интерес? Кој ебава државни интереси? Кој е искомпромитиран? Има ли неискомпромитирани? Колку и кому сме му борчлии? Даден ли ни е ‘’газот под кирија’’ за наредни 3 генерации? Што е тоа ‘’современ македонски политичар’’ и дали знае дека народот му пцуе 2 генерации женскоо пред и после него? Има ли Македонија сефкупен , онака ‘’ од народ за народ’’ лидер? Има ли решение? Има ли надеж за канцерот наречен ‘’ мегамизерија’’ со метастази од Табановце  до Гевгелија и од Кораб до Пониква?  Има,.. ( стап поголем).

Експертска влада? Кој ке ја бира и по кои критериуми? На Р. Македонија не и е потребна експертска влада, туку уште еден АСНОМ!  Од некакви пост крушевски „up to date“ манифести преку такво!  Фантастичен бизнис. Си направија богатства со слатките зборови што опиваат народ до ниво на катарза заборавајки дека од манифести не се живее туку од здрава индустрија. Ама не индустрија по оние индустриски зони во кои македонецот е по обесправен и понижен од легендарната Ленка која боса на налани одела тутун да ниже в монопол. Овие по индустриските зони нижат пцости, клетви и се сеќаваат кога нивните фабрики во кои го изучиле занаетот, обавезно пред одмор давале „К – 15“ за да не останат дечињата без сладолед на плажа. Не сум комуњара, не се занесујте, за оние што читаат меѓу редови знаат што пишувам овде.  Кој е тој што онака „глат“ ке рече,.. ааа… оваа Влада ме бендисуе! По основ на што ке се бира на пример Министер за здравство? Ќе го бираат странците? Одлично! Барем што и да се деси, сите ке имаат оправдување ако не го бива. За Финансии? Одлично, нека го изберат странците, ама кога ке седне јадниот и ке го земе ‘’ плајвазот ‘’ ( касапско моливче) да удри есап и коа ќе види колку сме у гомна до гуша, ќе рече „Аууууу’’! Што бе аууу,… кажи му на народот што го чека за да си знае дали ( ако веќе сторил ниет) да бега одма или до крај на година, па кој ке си плаќа данок нека си плаќа. Данок на УМОТ!

Смее ли некој да писне без амин на оние од Кале? Смее, жими такво! Интересна работа, се повеќе дефиницијата за овој дел од балканот е дека сме држава која што вежба демократија со дипломатија која е инсталирана како една голема училница ( вежбална) во која странските дипломати може и да погрешат, додека нас „кој не врти’’ . Ние сме си само парадни коњи за курчење и лечење комплекси од детство. Наместо во земјата колевка на словенската писменост, на балканскиот Ерусалим,  на сонцето што сјае 7/24/365 да се бара „влезница повеќе’’ за живот, во неа се бара „билет повеќе во еден правец’’.  Ни Софокле не би измислил поголема трагедија. А богами и комедија, ако се земе предвид дека нјголемиот профит од сите собираљки на улица од 17 Мај минатата година до денес се само продавачите на свирчиња и вувузели.  И додека хулиганите и свирачите у свирка фатија место на песокот по Халкидики, после Цацко ни е крив што ВМРО-вците во меѓувреме уште повеѓе ја засилуваат контролата на терен и еден ден кога по јубилеен трет пат некој ке повика „народе ајде на улица’’, некому секако ке му текне да праша… „а со кој тоа легитимитет и кредибилитет  не викате пак на улица’’?!?

Под жешкото сонце агонијата продолжува со полна пареа и народот е веќе исцрпен како бедуин на крајот од карванот кој не носи никаде. Кој што лута во политичко општествената пустина во која фатаморганата ја храни душата додека песокот се вгнездува во грлото и пече безмилосно. Не те остава ни да плачеш, зашто нема никаков аир од плачење. Предолго време помина за да им се дозволи на сите да си спремат стратегија од наесен ( која пак ке биде празна) така да што и да се случува, сите однапред знаат како да се одбранат или да прејдат во контранапад. Македонија на симулациите нa картите  “YOUTUBE” се повеќе бледее и менува форма. Лажам?!? Не! Се повеќе и погласно се вриска во етерот дека догодина ке биде година на големи случувања. Повторно војни? Кому се потребни? Секому освен на разумниот човек, ама него ниту некој го прашува ниту ке му дозволи да прозбори оти она што ке го каже нема да му се допадне на ниту еден „чауш’’! Трагедија се надјасала над Македонија. Се потранспарентно. А ние се поќорави, или барем поточно речено спремни за еутаназија. Трулото ткиво метастазира до ниво на бесповрат. Гаден вирус. Некој стар, нов вирус, кого го нарекле БЕДА на умот и духот. НА семката! Позбунет и помизерен не се чувствувал македонскиот демос  никогаш. А мразам кога некој ке почне да ми кажува како никогаш подобро не било. Тоа само ВМРО-вците го велат. Па зарем само тие се граѓани на Р.М. Па зарем сето останато е мутаво, ќораво, неписмено, тупаво и глупаво? Јас би рекол немоќно! Нема сила. А, сила закон и бога не прашува.

И ако им се вратиме на стиховите на Коста Солев Рацин, „живеј го животот каков и да е’’ и го анализираме онака исконски, се поставува прашањето дали сме луѓе или билки? Се однесуваме каако билки кои стојат на место и само растат немо без да менуваат нешто. Само слика без глас. А, ако се повикуваме на тоа дека сме луѓе, тогаш се поставува прашањето какви тоа луѓе сме.  Јас ке ви кажам. ЧУРУК!… Келнерот на историјаата е неизбежен со цехот замотан во кожена културна папка.

Топло ти лето Македонијо, ти посакувам  дебела ладовина и поефтин суфлаки по грчките плажи.

Поврзани новости