Итна помош ќе дежура на автопатот Неготино – Гевгелија

by fokus

Поради се почестите сообраќајни несреќи на автопатот Неготино – Гевгелија во летниот период, кога дневно минуваат возила на илјадници туристи упатени во соседна Грција, од денес возила на итната медицинска помош постојано ќе бидат на терен, односно ќе дежураат во близина на бензинската станица кај Демир Капија.

Веста ни ја потврди Др. Антоан Паракеов, началник на Службата за итна помош во Здравствениот дом Кавадарци.

,,Медицински екипи од здравствените домови од Кавадарци, Неготино, Велес, Штип, Валандово, Гевгелија и Струмица ќе дежураат деноноќно покрај автопатот. Ова е трета година по ред како наши тимови за време на летната туристичка сезона се излезени на терен. Запонуваме од денес и остануваме се до крајот на август. Апелирам до сите возачи да внимаваат, да се движат според пропишаната брзина и секако, да не возат со часови, да прават паузи, посебно тие кои што доаѓаат од подалеку. Уморот, ненаспаноста и далечината си го прават своето, па секоја година сме сведоци на трагедии, кога наместо на одмор, луѓето заминуваат во смрт,, – ни изјави во телефонски разговор Др. Паракеов.

Во изминативе две – три години, во Неготино и Демир Капија се отворија неколку објекти каде што патниците од соседна Србија може да преноќат и да одморат на својот пат за Грција. Радица Прематарова, сопственичка на вила во Неготино и на гостинска куќа во Демир Капија, вели дека веќе цел месец кај неа доаѓаат туристи од Србија, преноќуваат, и наутро свежи го продолжуваат патот.

,,Повеќето гости од Србија со години традиционално летувале во Грција и не сакаат да ризикуваат и да возат уморни. Велат дека секое лето читале за големиот број на сообраќајни несреќи кои што се случуваат на автопатот Неготино – Гевгелија, па затоа и се решаваат да преноќат овде, пред да продолжат со патувањето. Сместувањето е со доста пристапни цени, и се бара кревет повеќе,, – вели таа.

Вчера на истиот автопат загина педесетипегодишен белграѓанин, додека неговата сопруга и трите деца поминаа со повреди, кога сопругата, најверојтно заспала зад воланот. Во изминативе неколку години, поради зголемена фрекфенција на возила, речиси секојдневно интервенираат службите на итната помош во сообраќајни незгоди и несреќи на одморашите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости