Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека Единицата за насилен криминал поднела кривична пријава против М.К. (37) од Скопје, осомничен за тепањето на новинарите на електронскиот медиум „А1 ОН“, пред Порта Македонија на протестот на „За заедничка Македонија“ кој се одржа на 27 минатиот месец.
Како што информираат од МВР, осомничениот М.К. е познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир.
-Во моментот кога почнале да снимаат, им пришол М.К. со уште едно непознато машко лице и од нив побарале да се легитимираат, на што оштетените одбиле притоа кажувајќи им дека немаат потреба да им се легитимираат ним бидејќи тие не се службени лица. Незадоволен од реакцијата на новинарите пријавениот прво физички го нападнал А.Т. удирајќи го со боксови и клоци во пределот на главата и телото, а В.Ж. бидејќи бил наведнат и ги снимал ливчињата -банкноти добил удар во задниот дел од главата, по што паднал на земја и добил уште еден удар во предел на вратот со нога, по што паднал во бесознание. А.Т. во тој момент повикал помош и во истиот момент пришле униформирани полициски службеници кои веднаш почнале да го бркаат пријавениот и другото непознато лице, кои избегале кон ГТЦ, се вели во соопштението на МВР.