Германскиот дипломат Хелбах е убеден дека Иванов ќе дозволи да се формира влада

by fokus

Потребно е брзо формирање влада посветена на итните реформски приоритети со цел земјата да ја надмине политичката криза и да се врати на евроатлантскиот пат, порача специјалниот ополномоштеник на германското МНР за Југоисточна Европа и Турција Кристијан Хелбах по разговорите во рамки на дводневната посета на Скопје.

Тој изрази уверување дека претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе дозволи парламентарното мнозинство да формира влада.

„Убедени сме дека претседателот ќе покаже мудрост и ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во парламентот да формира влада што е можно поскоро. Парламентот мора да биде способен по оваа долготрајна криза да ја преземе својата работа со цел да се посвети на итните прашања пред кои е исправена земјата“, рече германскиот дипломат.

Хелбах истакна дека неговата посета на Македонија има за цел да ја изрази германската посветеност на иднината на земјата и ја реафирмираше поддршката за евроатлантскиот пат, како што рече, во согласност со претходните изјави на еврокомесарот Јоханес Хан и на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

 

Поврзани новости