Со признанието на вина на Томислав Лазаров, еден од обвинените за случајот со „Насилството во општина Центар“, и со неговото осудување на шест месеци условна казна, значително се отежна одбраната на останатите 13 обвинети, меѓу кои се и екс премиерот Никола Груевски и екс министерот Миле Јанакиески. Доколку во еден предмет има признание од еден обвинет, тоа повлекува правна последица и врз останатите обвинети, бидејќи покрај признанието на лична вина, се признава и дека кривичното дело навистина е сторено.
-Ова признание на вина од страна на обвинетиот ќе има позитивно влијание врз целокупниот тек на постапката, рече обвинителката Фатиме Фетаи, пред пет дена, кога обвинетиот Лазаров ја призна вината пред судот.
Денеска пак Фетаи додаде дека за останатите обвинети во овој случај очекува затворски кзани без исклучок, бидејќи само Лазаров навреме ја признал вината, а останатите пред судот посочија дека не се чувствуваат виновни.
Пресудата за Лазаров, актуелен советник во општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, уште денес стана правосилна, бидејќи и тој и СЈО се одрекоа од правото на жалба. Иако, адвокатот го посоветува Лазаров да почека, тој рече дека веднаш сака да каже дека нема да се жали. Ова значи дека пресудата веќе може да се искористи како отежителна околност за останатите обвинети. Тоа немаше да биде случај доколу пресудата се уште не беше правосилна.
Во овој случај како доказ ќе се искористи и една од бомбите која ја објави СДСМ, односно разговор меѓу Груевски и Јанакиески, во кој Груевски нарачува шамари за Андреј Жерновски, тогашниот градоначалник на Општина Центар.
-Од утре да маваме. Во петок 2.000 луѓе ќе донесеме пред Центар и еден да стане да му удри 3-4 шамари. Тоа не е кривично, туку само прекршочно дело“, се слуша како вели Груевски на снимката.
Обвинителката Фетаи во завршниот збор и точно ја опиша улогата која ја имале дел од обвинетите во овој случај.
-Локација од која извира идејата за настанот е од мозокот на Никола Груевски, а веднаш по него е послушникот Миле Јанакиески. Лазаров е еден од потикнувачите на извршителите на насилството – рече Фетаи.
Наредното рочиште за овој случај ќе продолжи во среда, кога постапката ќе продолжи за останатите 13 обвинети во овој случај.
В.В.