Парата од 360.000 евра со ликот на битолскиот градоначалник Владимир Талески, позната како ,,Владимирка,, која што се појави неодамна како герила акција за време на битолската Шарена револуција, започна да прави збрки на естрадата.
Имено, пред неколку дена, за време на настап во еден ресторан, на фолк пејачката Сања Ристеска од Прилеп, обожавател понесен од атмосферата и залепил едно купче Владимирки. Бидејќи таа минатата недела се врати од турнејата во Италија, не била во тек со настаните, па кога ги видела парите кои што најпрвин и заличиле на странски банкноти многу се израдувала, но кога колегите и објасниле за што се работи, му се налутила на ,,дарежливиот,, обожавател.
,,За никакви ,,Владимирки,, јас не пејам, туку примам бакшиш во денари, евра и долари. Кога обожавателот ме опсипа со банкнотите, не ми беше јасно што се случува, но потоа мои колеги смеејќи се ми ја раскажаа историјата на ,,Владимирката,,. Доста досетливо и креативно, морам да признаам. Првин се налтутив, но потоа му го простив мајтапот на дечкото кој што се пошегува со лажните банкноти, а на крај дури и земав неколку од нив со мене, за да им ги покажам на нашинците во Италија на мојата наредна турнеја, да видат што се случува во нашата Македонија и колкави суми на пари се вртат околу имињата на нашите политичари. Не сакам никого да обвинувам додека вистината не се докаже на суд, но на пример за таа сума, за тие неверојатни 360.000 евра, доколку некој политичар би бил пејач, сигурно би пеел повеќе од десет години за да ги заработи,, – ни изјави Сања.
Таа е присутна на естрадата околу десет години и е позната по своите провокативни песни како ,,Ме заболе,, која што има околу милион прегледи на музичкиот канал ,,Јутјуб,, ,,Забрането,, ,,Денот дојде,, и други. Годишно има понеколку турнеји кај нашинците во Италија, Австралија, Германија.
Лани направи низа естетски интервенции со цел да се вклопи во сликата за идеална балканска турбо фолк пејачка. Вели дека инвестициите и се исплатиле, бидејќи речиси и нема слободен викенд поради густиот распоред на настапи.