Наместо да градат централи, груевци потрошија милијарда долари за увоз на струја!

by Фокус 11:09
11:09

Текстот е објавен на 27 јануари 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 865

Пишувале
Младен ЧАДИКОВСКИ
Гоце МИХАЈЛОСКИ

Бројките и статистиката се неверојатно силни категории во политиката. Во економијата, пак, се апсолутно неприкосновени. Колку сакате шминкајте, сокривајте, прикривајте, додавајте, одземајте, тие се како шило. На крајот на денот излегуваат на површината и можат да ја разголат и најголемата лага. Шпекулациите дека во бизнисот со струјата се вртат стотици милиони евра, пари  преку кои високонапонски се полнат партиските и приватните каси на клучните играчи во енергетскиот сектор, не се нови, тие тивко се прераскажуваат, а низ шепот се зборува дека главата на овој електричен октопод е токму во владиниот врв.

- Advertising -

Прв гласно реши да проговори Тито Петковски, во минатонеделното интервју за „Фокус“. Лидерот на НСДП јавно го изговори она што досега беше тешко да се чуе на медиум, дека бизнисот со струјата е еден од највносните зделки во земјава, бизнис во кој не смее да чепне никој што е надвор од власта.

Неговите обвинувања, дека премиерот Никола Груевски намерно спречува и спречувал инвестиции во енергетскиот сектор, поради „партискиот бизнис со увоз на струјата“, беше доволна провокација да тргнеме во потрага по вистината.

УВОЗОТ РАПИДНО РАСТЕ ОД 2007-ТА

Според официјалните податоците, ЕЛЕМ со децении наназад произведува по околу 6.000 гигаватчасови електрична енергија годишно. Позначајни промени со години нема, бидејќи нема ниту нови капацитети. Главните, РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, кои произведуваат околу 80 проценти од вкупната енергија, се изградени во 80-тите години на минатиот век. Ништо не е подобро ниту кај хидроцентралите.

Освен „Козјак“, сите останати значајни објекти се изградени во „она време“. И тоа, до пред десетина години било сосема доволно. Македонија, практично, целосните потреби на струја ги задоволуваше од сопственото производство, увоз на струја немаше. Тој почна со почетокот на новиот милениум. Но, тоа, наместо аларм за властите, беше видено како шанса за брза и добра заработка, преку бизнисот со оваа барана стока.

И кога по промената на власта во 2006 година сите очекуваа новиот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ конечно да го запрат трендот и да изградат нов, капитален енергетски објект, се случи обратното. Во првите години од владеењето на Груевски, настана вистински бум во увозот на струја.

Во 2007 година, според официјалните податоци, увезена е струја вредна фантастични 253 милиони долари, наспроти само 62,5 милиони долари увезени претходната 2006 година. Рекордот беше поставен во 2008 година, кога се одлеаја дури 347 милиони долари, а уделот на увезената струја во вкупната потрошувачка надмина 30 проценти.

За среќа, во следните две години, увозот беше намален на под 200 милиони долари, пред сѐ поради високиот водостој во вештачките акумулации, но и поради затворањето на неколку фабрики, големи потрошувачи, предизвикано од светската економска криза. Простата математика вели дека за само пет години, од Македонија се испумпани неверојатни над 1 милијарда долари.

ТАМАН КОЛКУ ЗА УШТЕ ЕДЕН „РЕК“!

Доколку Владата на Груевски имаше малку грижа за енергетските состојби во земјава, дел од тие пари ќе се потрудеше да ги инвестира во нов енергетски капацитет. Експертите пресметале дека со 1 милијарда долари би можело да се изгради термоелектрана голема колку РЕК „Битола“, со моќност од најмалку 700 мегавати, што во превод значи дека ако овие пари се употребиле за изградба на нов капацитет, Македонија денес не би имала потреба да увезува, туку напротив, таа би била извозник на струја во регионот!

Наместо тоа, резултатот е поразителен, а бројките немилосрдни. Дали власта со ова сака да ги одврти вентилите за бизнисот со струјата, е прашање чиј одговор се наметнува, пред сѐ, низ политичките изјави на Петковски, поткрепено со бројки и факти за најголемите увозници на струја во земјава.

Најголем дел од парите што се трошат за купување струја од странство завршуваат на сметката на само една фирма-трговец, „ЕФТ- Македонија“. Оваа фирма, инаку дел од групацијата на ЕФТ што работи многу пошироко, држи речиси 70 проценти од пазарот.

Прв човек на компанијата во земјава е Кочо Анѓушев, кој во времето на владата на Љубчо Георгиевски ја извршуваше функцијата помошник на генералниот директор за производство во поранешното ЕСМ, а веќе седум години работи за компанијата ЕФТ.

Анѓушев е поместен и во табелата на македонски милионери, што неодамна ја објави „Утрински весник“,  заедно со имињата на големите македонски бизнис-играчи од првата постава – Минчо Јорданов, Штерјо Наков, Живко Мукаетов, Благоја Механџиски и уште неколкумина.

Иако многумина велат дека не е непозната блискоста на Анѓушев со првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ кои го водат енергетскиот бизнис, самиот тој, во интервјуа за македонските медиуми, тврди дека нема политички чадор и дека рецептот за успехот во голема мерка се должи на корпорациската поставеност на фирмата мајка ЕФТ.

Но, дури и да е така, упатените предупредуваат дека не е здраво за пазарната економија една компанија да има удел од две третини од пазарот, бидејќи тоа носи опасност целата економија да зависи од моќноста или од волјата на само еден центар.

ЛЕГЛО НА КОРУПЦИЈА

Од друга страна, отвореноста на бизнис секторот кон корупција и кон лесно нелегално богатење не е непозната категорија. Сѐ уште се свежи сеќавањата на случајот со ТЕЦ „Неготино“, за кој пишуваше и Викиликс.

Тогаш, во 2007 година, како што до Стејт департментот напишала американската амбасадорка во Скопје,  Џилијан Миловановиќ, владата на Никола Груевски отфрлила инвестициски договор за термоцентралата „Неготино“ кој тежел стотици милиони долари, само поради тоа што не победила компанија која била фаворит на власта.

Според Викиликс, САД ја предупредиле владата дека едната од компаниите во конзорциумот, „Финанс инженеринг“ од Бугарија, лажно тврдела дека имала мнозински американски капитал, а против неа се воделе и истраги во Софија.

Откако, и покрај притисоците од премиерот Груевски и на министерот Зоран Ставрески, како што стои во дописот, министерката за економија Вера Рафајловска не сакала да го потпише договорот и да биде жртвен јарец во некоја идна корупциска истрага, САД барале да се даде зделката на второрангираната американска компанија.

„Владата без логика го откажа инвестицискиот договор тежок стотици милиони долари. А ова веројатно ќе беше најголема поединечна инвестиција од независноста на Македонија и ќе ја обезбедеше толку потребната електрична енергија. Не знаеме зошто Владата одби да го потпише договорот со американски СЕНКАП, но веројатно скриени лични и политички загрижености надвладеале над можните бенефиции за Македонија“, се наведува во дописот на Миловановиќ кој го објави Викиликс.

Од непознати причини, во 2006 година, по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, беше поништен и тендерот за Чебрен и Галиште, иако како што сведочеше Петковски, германската РВЕ била сериозни заинтересирана да инвестира 500 милиони евра.

Отсекогаш било јавна тајна дека во секторот енергетика царува корупцијата, дека нештата се случуваат далеку од очите на јавноста, оти ретко кој е во можност да ги брои тендерите, каблите, количините на струја што патуваат по македонските далноводи. Но, досега одговараа само двајца поранешни директори на ЕСМ.

Првиот, од времето на СДСМ, Панде Лазаров, беше обвинет за добивање провизија од 700.000 евра за тендерот со ХЕЦ „Козјак“, што ја градеа Кинезите. Вториот е Ламбе Арнаудов, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше осуден на 4 години затвор, за штетните договори со фирмата „Блиф“, за запишување на сиот имот на ЕСМ во катастарската евиденција.

Се разбира, како што е правило кај нас, криминалот и на двајцата се докажуваше по промената на власта. Веројатно, така ќе биде уште долго време, а дилемите што сега си ги поставува јавноста, ќе ги расчистува некој друг Шврговски.

Неисполнети ветувања
МРТВО СЛОВО НА ХАРТИЈА

Ако се погледне Стратегијата за енергетика, донесена лани, ќе се види дека ништо или многу малку од зацртаното се направило. Топланата ТЕТО, која е приватна инвестиција, профункционира годинава, иако требаше да биде готова лани. Пред три години требаше да се заврши со работата и на ХЕЦ „Матка 2“, но и од тоа сѐ уште нема ништо. Очигледно, ќе доцнат и големите хидроцентрали и Вардарската долина. Централата во Неготино сѐ уште се чува само како ладна резерва.

Сево ова само ги потврдува тезите, или ако сакаме да бидеме поблаги, одново ги актуелизира сомнежите дека енергетскиот сектор е заложник на една друга, бизнис стратегија за контрола врз целиот систем. Заложници на таа политика се два милиони граѓани на оваа земја. Пред 10 години, кога Македонија не увезуваше електрична енергија, нејзината цена тука беше најевтина во споредба со другите земји, а денес е меѓу најскапите во регионот.

Поврзани новости