-Сакаме да се најде решение. Да имаме тековни уплати коишто ќе бидат доволни за да можат да се завршуваат основните работи од возачите на автобусите. Има иницијатива на приватните превозници денеска „Слобода превоз“ да продолжи активен штрајк, со кој ќе се изрази револтот и немањето волја на добар начин да се заштити јавниот интерес.
Какви ќе бидат позициите после штрајкот, ќе бидете информирани како ќе постапуваат превозниците во време на штрајк. Ние како раководители на фирмите ќе имаме друга улога и активностите ќе се водат од превозниците, рече Јовановски на прес-конференција.
Директорот на автобуските превозници „Слобода превоз“ Ленин Јовановски изјави дека се во неможност да го одржуваат возниот ред во Скопје поради тоа што немаат добиено никакви средства од Град Скопје. Сепак, во овој момент не бараат исплаќање на долгот во целост.
-Јасно е дека должат за месец август дел, цел месец септември и цел месец октомври. Ова не се случило никогаш досега и не паметам во просториите да ни дојдат инспектори од Град Скопје и да ни прават притисок. Ова е удбашка метода и може само да ја влоши состојбата. Нам ни се должат милиони, додава Јовановски.
-Фискалните принтери во автобусите не се во во функција. Не можеме да издаваме фискални сметки. Никој од приватните превозници не продава билети бидејќи ние немаме ни задолжени билети за да можеме да ги продаваме. Тоа е втор факт, потенцира Јовановски, како демант на тоа дека во автобусите не се издавало фискална сметка.
Во поглед на хигиената на автобусите, тој вели дека превозниците можат да ја одржуваат пред да почнат да возат и тогаш треба да се прават контроли дали возилото чисто се вклучува во линија.
-Од моментот кога ќе почне со превозот, ние не можеме да контролираме дел од помладите или луѓето во приградските населби дали ќе влезат со валкани чевли или ќе фрлаат отпадоци. Не можеме да вработуваме и чистач со возачот. Може имало поплаки од граѓаните за хигиената, но не знам зошто тоа се префрла на приватните превозници бидејќи ние сме единствен систем и тоа може да биде општа поплака, информира Јовановски.