Налогот за претрес кај Верушевски бил за шпионажа

by lali

Налогот за претрес во домот на екс- разузнавачот Зоран Верушевски бил за кривичното дело шпионажа од членот 316 од Кривичниот законик. Во налогот е напишано дека се очекува претресот да обезбеди релевантни докази за делото за кое е ставен под сомнеж.

Информацијата ја потврдува адвокатот Ангеле Илиевски, но и тој е изненаден зошто налогот е за шпионажа и како полицијата обезбедила сознанија дека Верушевски е евентуално вмешан во шпионски скандал?

Со оглед дека првичните проверки не откриле ништо сомнително, пред се не е пронајдена никаква документација која би потврдила дека Верушевски шпионирал, односно поседувал државни или строго доверливи тајни кои ги дистрибуирал некаде, полицијата се фокусираше на пиштолите, кои ги поседувал како службени за да најде начин како да му се одреди притвор. Односно, едниот му бил од 80-тите години кога се вработил во службата, а другиот за успешна акција му го подарил министерот Слободан Чокревски во 1997-та. Тука е нејасно како му е одреден притворот, односно како може да го повтори делото ако му се одземени службени пиштоли, а повеќе не работи во полицијата? И дали можноста за бегство не можела да се спречи со одземање на патната исправа и со одредување домашен притвор.

На крајот, со оглед дека пропаднал обидот да се откријат докази за шпионажа, полицијата објави дека се пронајдени материјали со детска порнографија. Првично дека ги прикажувал на дете, но откако стана јасно дека не постои жртва, односно дека нема пријавувач, а дополнително децата од снимките не биле од Македонија, ќе се направи обид да се преквалификува делото, најверојатно во поседување детска порнографија.

Со ова полицијата го гони според членовите 396 за оружје и 193 за детска порнографија, што ни одблиску не се поврзани со делото шпионажа, за кое е потпишан налогот.

Така, делото од шпионажа, преку пиштолите, случајно стигна до порнографија. Деновиве портпаролот на Иво Котевски неколку пати повтори дека постојат индиции за многу посериозни кривични дела, но не открива кои се. Може само да се претпостави дали во компјутерите на Верушевски, чија дигитална форензика е во тек, можно е да има некакви шпионски податоци.

Тој од викендот е во притвор за поседување оружје. Обвинителството потврди дека води истрага само за пиштолите, додека МВР извести дека има истрага и за детската порнографија. Дали тоа е начин да се држи тензија, додека не се објави дали и што има полицијата за Верушевски?

Поврзани новости