На денешното рочиште за случајот „Тали2“ правните застапници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ одбија да дадат завршен збор, бидејќи според нив партијата не била странка во постпката. Исто така посочија дека барањето за одземање на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како Белата палата, не се законско.
-Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија не беа странки во оваа фаза. Она што како претставник го имам и на кое ми е укажано од раководство е да во текот на оваа постапка барам да се спроведе законот и само законот и ВМРО-ДПМНЕ да ги добие сите права кои ги има согласно Законот за кривична постапка со цел да се утврди фактичката состојба онака како што е вистината, истакна адвокатот Донче Наков.
Тој додаде и дека претставник на ВМРО-ДПМНЕ требало да биде испитан пред фазата на заврши зборови.
-Правото на испитување не ми е дадено, а право на завршен збор немам согласно закон. Тоа е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со незаконито спроведување на оваа постапка, поготово со делот на замрзнување и евентуално одземање односно конфискација се прави еден обид, се надевам дека судот нема да го дозволи тоа, да на незаконит начин и со недавање на правата согласно закон преку обвинетите се одземе имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Тврдам дека овие права, кои ни ги дал законот, не ни се дадени. Согласно на тоа, ние не можеме ниту да дадеме завршен збор, туку напротив само како претставник на правното лице во фазата во која вие ме повикавте се произнесов за недоследностите на постапката, рече Наков.
Ружица Николовска како полномошник на партијата исто така потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во случајот се јавува како заинтересирана страна, а не како странка во постапката. Се повика на членот 395 од Законот за кривична постапка потенцирајќи дека право на завршен збор имаат странките, односно овластен тужител, оштетен, бранител и обвинет, но оти ВМРО-ДПМНЕ, според неа, не е ниту едно од тие.