Наќе Чулев ќе се појави како сведок на Рашковски?

Фокус контактираше со поранешниот министер, но ни кажа дека не дава изјави за јавноста.

by fokus 13:34
13:34

Поранешниот министер за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев кој беше на функцијата како кадар на ВМРО-ДПМНЕ можно е да се појави како сведок на одбраната на поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски кој е обвинет во случајот „Софтвери“, односно за незаконска набавка на софтвер за сообраќајни несреќи.

Според неофицијални информации на Фокус, одбраната на Рашковски досега не го контактирала Чулев, иако Рашковски вчера најави дека токму тој ќе биде еден од предложените сведоци на одбраната во овој судски процес.

Неофицијално, ако Чулев добие покана да биде сведок за случајот, тој ќе се појави во судница и ќе сведочи. Фокус контактираше со поранешниот министер, но ни кажа дека не дава изјави за јавноста.

Како што е познато, актуелниот министер и техничкиот министер, Оливер Спасовски и Чулев беа распрашани во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција уште додека беше во тек предистрага против Рашковски. Неофицијално, обвинителството не го повикало Чулев да биде сведок на обвинителството во судскиот процес.

Откако излезе аферата со Рашковски, Чулев се огради и кажа дека кога тој бил на функција во ниту еден момент не бил информиран дека Генералниот секретаријат со кој раководеше Рашковски набавил софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, а кој бил за потребите на МВР.

И Спасовски тврдеше нема потреба од софтверот купен од Рашковски. Тој се гони за набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци за МВР за 81 000 евра, којшто не е во употреба осум месеци.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости