Денешната автобуска несреќа во Бугарија, во која загинаа најмалку 46 лица, е најтешката автобуска несреќа во Европа во последната деценија, пишува Франс прес.
Осврнувајќи се на трагичните детали од несреќата, агенцијата прави преглед на најтешките автобуски несреќи на континентот во последните 10 години.
Најмалку 46 лица, меѓу кои 12 малолетни, загинаа кога рано утринава во Бугарија се запали автобус кој сообраќал од Истанбул за главниот град на Северна Македонија, Скопје.
Според официјалните податоци, во 2019 година во Бугарија, земја со население од 6,9 милиони луѓе во сообраќајни несреќи загинале вкупно 628 лица, а во 2020 година – 463 лица. Сообраќајните несреќи често се должат на лошите услови на патиштата, застарените автомобили и брзото возење.
Денешната несреќа се случила на дел од автопатот со стрмнини и без јасни разделни линии, каде во минатото се случиле многу сообраќајни несреќи, вели Дијана Русинова од невладина организација за безбедност на патиштата која и во минатото се жалела на бугарските власти за овој дел од автопатот.
2019: Португалија и Русија
Автобус падна од мост во замрзна река во Сибир на 1 декември, при што загинаа 19 лица. 29 германски туристи загинаа кога нивниот автобус излета од патот кон ресторан на планинскиот остров Мадеира на 18 април.
2018: Турција и Бугарија
Седумнаесет мигранти кои нелегално се превезувале преку Турција загинаа, а 36 беа повредени кога нивниот автобус се запали откако удри во столб на 29 март во близина на Карс во источниот дел на земјата. Повеќето од нив беа Иранци, Авганистанци и Пакистанци.
Дваесет аџии загинаа откако нивниот автобус се преврте во услови на силен дожд северно од Софија за време на патување во православен манастир на 25 август.
2017: Германија, Италија и Русија
Осумнасет возрасни туристи во германската област Саксонија загинаа кога нивниот туристички автобус се запали по судир со камион во Баварија на 3 јули.
16 лица – главно унгарски тинејџери кои се враќаа од скијање во Франција – загинаа на 21 јануари кога нивниот автобус се запали по несреќа во близина на северниот град Верона.
Шеснаесет лица загинаа кога воз удри во расипан автобус со претежно узбекистански патници на железнички премин источно од Москва на 6 октомври.
2015: Најтешка несреќа во последните 30 години
Во најтешката француска сообраќајна несреќа во последните три децении, 43 лица загинаа кога автобус со членови на пензионерски клуб се судри со камион и се запали во близина на Пузеген во југозападниот дел на земјата на 23 октомври.
2014: Експлозија на цистерна
Цистерна што превезуваше течен нафтен гас (ТНГ) се преврте и експлодираше на автопат во југоисточниот дел на земјата на 22 јули, при што загинаа 26 лица во два автобуса што минуваа и ги зафати пламен.
Уште 21 лице загина во централна Турција на 23-ти јануари кога нивниот автобус се преврте на замрзнат пат во текот на ноќта.
2012: Загинаа 22 деца
28 лица, меѓу кои 22 деца, загинаа во несреќа во Сиер, јужна Швајцарија, додека се враќале во Белгија од ски-одмор на 13 март.
2011 година: Загинаа ученици во Турција
25 лица, главно ученици, загинаа кога камион натоварен со цигли се судри со автобус во близина на Салат, село во југоисточната провинција Дијарбекир, на 21 декември.