Кривични пријави на контото на “Беса транс” – која е компанијата чиј автобус изгоре?

by fokus

Државниот инспекторат за транспорт само оваа 2021 година поднела четири кривични пријави против компанијата „Беса транс“ од Скопје чиј автобус ноќеска изгоре во Бугарија и најмалку 45 лица изгореа, а седум беа повредени.

Директорот на инспекторатот Руфат Хусеини за Фокус објаснува дека за време на ковид кризата ова било една од компаниите којашто била најконтролирана и и сите четири инспкециски надзори изминатава година завршиле со пријави за непочитување на ковид-протоколите, но вели дека пријави за друго немало.

Инспекциски надзори имало и во 2020 година и тогаш биле поднесени четири кривични пријави до Обвинителството исто така за непочитување на ковид-протоколите бидејќи во автобусите секогаш била затекнувана поголема бројност на патници од она што било дозволено, односно пропишано во моментот.

Што се случило со овие кривични пријави, Хусеини не знае бидејќи тоа е во надлежност на Обвинителството.

Компанијата вршела слободен меѓународен превоз, односно не сообраќала редовно на меѓународни линии туку кога имале тури за во Истанбул и најчесто го користеле граничниот премин Деве Баир.

Според информациите коишто можат да се најдат на бизнис мрежата седиштетот на компанијата е во Рашче, во скопската општина Сарај, а сопственик на компанијата е извесен Беким Хаџиу. Агенцијата има подружници во скопски Чаир, Рашче и Центар и според финансиските податоци ненекоја профитабилна агенција.

Од она што може да се види пак на нивната Фејсбук страница, агенцијата има понуди за Истанбул, Кападокија, Турција. Кобното патување, според фејсбук информациите, најверојатно се организарало во петокот, а македонските граѓани од албанска националност го искористиле поврзаниот празничен викенд за Денот на албанската азбука.

„Беса транс“ нуди аранжмани за Истанбул со три и четири ноќевања по цена од 79 или 99 евра, секој четврток и недела.

Овој петок, за Истанбул заминале пет автобуси, според објавата на агенцијата на Фејсбук, а собираат патници од Гостивар, Тетово, Сарај, Скопје и Куманово.

Од Министерството за транспорт и врски тврдат дека агенцијата во 2018 година добила лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

-Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година. Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање на извод од лиценца за ново набавено возило, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски.

Тие очекуваат истрагата да ги покаже причините за трагичната несреќа и велат дека ќе соработуваат со сите надлежни домашни и меѓународни институции за целосно расчистување на случајот.

Обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, се во Бугарија, а Русковска соопшти дека се видела со сопственикот на превозната фирма кој бил на местото на несреќата. И кажал дека 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. –Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги, истакна Русковска.

Последна ваква голема сообраќајна несреќа се случи пред три години кај Ласкарци кога загинаа 17 патници во автобус на „Дурмо-турс“ кој сообраќаше од Скопје кон Гостивар. Уште не е завршено судењето за оваа несреќа и никој не е виновен, а автобусите на „Дурмо-турс“ се уште сообраќаат.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости