Најголема смртност на доенчиња има кај Ромите, покажуваат анализите на Заводот за заштита на мајки и деца, а пренесе НОВА ТВ. Фрапантни се последните достапни податоци од кои се гледа дека во 2014 година смртноста кај новороденчињата кај оваа популација изнесувала 14 ,2 промили, а дури 17,4 промили на 1000 родени, во 2013 та година.
Податоците говорат дека смртноста кај доенчињата кај ромската популација е највисока во однос на останатите во сите периоди почнувајќи од раѓање, се до 11 месец од животот.
Како причини стручњаците ги наведуваат социјалниот статус, необразованоста, тинејџерската бременост, неинформираноста, но една од главните причини е и недостапноста до матичен гинеколог. Бројот на матични гинеколози е преполовен на 135, а една од најголемите скопски населби Шуто Оризари, десетина години е оставена без матичен гинеколог.