Петнаесетемина судии кои побараа од Судскиот совет заштита на честа, угледот, достоинсвото на својата професија, но и на Основниот суд Скопје 1 од какви било злоупотреби за лични интреси и пресметки добиваат поддршка од јавноста, од свои колеги и експерти. Засега изостанува поддршката од Судскиот совет, тело од кое очекуваат да го заштити не само нивниот интегритет и независност, туку и да преземе мерки против Владимир Панчевски, претседателот на Кривичниот суд, чии постапки предизвикаа лавина во судската фела, поради прекршување на Законот за судовите (член 97 став 3).
Мирјана Најчевска професорка, активистка и експерт по домашно и меѓународно право смета дека бунтот на судиите е еден од најзначајните пресвртници во процесот на оживување на демократијата во Македонија:
„Тоа што почнаа да се раздвижуваат работите во судовите и се повеќе да излегуваат на виделина методите на работа во изминатите години, според мене е една од најзначајните пресвртници во процесот на реанимација на македонската демократија. Потполното уништување на судовите и корумпирањето на судиите беше/е алатка на секоја диктаторска власт. Ослободувањето од партискиот диктат може да се случи единствено ако голем број судии застанат во одбрана на правото и на достоинството на сопствената професија. И секако, доколку тие исти судии изберат такви контролни механизми за самите себе, кои ќе оневозможат повторување на ситуацијата која ја живееме денес“, порачува професорката Најчевска.
Судиите кои се одважија да се спротистават на, како што оценуваат, самоволието на Панчевски, побараа сојузник во Судскиот совет и во Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, органи кои се должни да постапат по нивните барања. Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, предмалку за „Фокус“ ги проблематизира потписите на дописот од судиите. Изјави дека не биле читливи, дека известувањето било анонимно, што може да се протолкува и како обид за опструкција на започнатата битка на судиите.
„Мислам дека сега кога веќе еднаш тргнале, можат да одат само напред. Доколку го кумулираат заедничкото знаење, доволно е само да го применат правото, за да ја добијат битката и добро да се позиционираат во војната“, оценува Најчевска.
Петнаесетмината судии се кренаа и против, како што велат, обидот на Панчевски, да го приватизира Основниот суд Скопје 1, потсетуваќи дека судот е во функција на граѓаните, а не мегдан за лична пресметка со колегите.
С.М.