Професорката и раководителката на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, Мирјана Најчевска, за порталот МКД изјави дека одредениот притвор за студентите е мерка на тортура која се користи против политичките неистомисленици.
-Во случајов дефинитивно станува збор за такво нешто. Мислам дека така треба да го третираат и адвокатите на притворените, треба директно да се упати барање до Уставниот суд за заштита на основни човекови права за да може потоа да се оди понатаму. Сметам дека треба да се упати и допис до специјалните процедури на ОН, односно до експертот задолжен за вакви случаи, но и до Комитетот за заштита од тортура. Македонија ја има ратификувано таа конвенција и мора да одговара за вакви случувања, изјави Најчевска за МКД.мк
На приведувањето и притворот на студентите реагираше и Студентскиот пленум, чиј двајца членови се во притвор. Тие сметаат дека целта на приведувањето не е правда, туку заплашување на останатите студенти и граѓани.
-Студентскиот пленум бара доследна примена на процедуралните и материјални законски норми при постапувањето со приведени.Студентскиот пленум, како прогресивна младина смета дека единствен метод на изразување на незадоволство е мирното протестирање, стои на Фејсбук страницата на Студентскиот пленум.