Бејли: Се сомневаме во посветеноста на Владата кон демократските принципи!

by Фокус

Амбасадорите на САД, Франција, Италија Обединетото кралство, Германија и ЕУ на денешната средба со премиерот Никола Греувски изразија сочуство за трагичната смрт на припадниците на полицијата кои загинаа во настаните во Куманово и се придружија на политичките лидери и на граѓаните во осудата на насилството.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, во изјавата дадена од името на сите амбасадори, рече дека тие ја поздравуваат иницијативата на претседателот на државата да се сретне со лидерите на сите политички партии и повикаа на воздржаност во врска со трагедијата изминатиов викенд, како и да се покаже смиреност во какво било групно собирање во следниве недели.

– Ние осебено ја повторивме нашата загриженост дека нема напредок во однос на многуте обвинувања за нелегално однесување на власта кои произлегуваат од објавените прислушувани разговори. Ова континуирано непревземање активности  создава сомнеж во однос на посветеноста на Владата кон демократските принции и вредности на евроатлантската заедница. Постојаниот неуспех да се покаже ваква посветеност со конкретни дејствија ќе го поткопа  напредокот на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО, рече  американскиот амбасадор Бејли по средбата во Владата на која присуствувал и шефот на дипломатијата Никола Попоски.

Тој истакна дека, во разговорите амбасадорите, го изразиле и нивното очекување дека во случајот со објавените прислушувани разговори, кои вели, откриваат неприфатливо однесување, треба да се преземат соодветни политички и правни мерки против одговорните. Со цел да се одговори на институционалните слабости нагласени од прислушуваните разговори, тој рече дека повикале да бидат преземени посебни реформи меѓу кои за интегритетот на изборниот систем, медиумската слобода, независноста на правосудството, слободата на говорот и заштитата на шепнувачите.

– Ние продолжуваме со целосна поддршка за фундаменталните демократски права на граѓаните на собирање  и мирен протест и го повторуваме нашиот апел до сите страни да се воздржат од насилство. Нивното остварување на демократското право и отфрлањето на агресивните акти без разлика кон припадници на полицијата или демонстрантите, е соодветно оддавање почит на храброста и жртвата на оние кои ги дадоа животите во служба на народот на Македонија, рече Бејли.

Тој информира дека средбата со премиерот била договорена минатата недела пред да се случат настаните во Куманово. Најави и дека групата амбасадори ќе се сретнат овие денови и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети на кои, како што вели, ќе им пренесат слични пораки.

Поврзани новости