Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на владиниот состанок денеска објави дека од 28 декември во државата се регистрирани над 800 земјотреси. Тој рече дека досега се регистрирани 41.500 штети и им се заблагодари на сите што испратија помош за жртвите од земјотресот, на волонтерите и на донаторите.
Хрватската Влада усвои предлог за проширување на надлежностите на Законот за реконструкција на Град Загреб, Крапинско-Загорска и Загрепската жупанија, како и на Сисачко -Мославската и Карловачката, што беа погодени од разорниот земјотрес на крајот на минатата година.
Нацртот на изменетиот Закон е ставен во собраниска процедура и тие предвидуваат спроведување на процедури за обновување и станбено згрижување во уште две жупании, како и санирање на дополнителна штета предизвикана од тие земјотреси.
Министерот за просторно планирање, градежништво и државен имот, Дарко Хорват, на прес-конференција изјави дека државата целосно ќе финансира реконструкција на недвижен имот во областа каде е прогласена состојба на катастрофа, јави Хина.
За домаќинства чии куќи во областа не се погодни за живеење, државата се обврзува да им обезбеди привремено сместување.