Над 3.000 експерти и административен кадар ќе ни бидат потребни за преговорите со ЕУ

by fokus

Од три до четири илјади експерти и административен кадар ќе и бидат потребни на Македонија за водење на пристапните преговори со Европската Унија. Според проценките на Секретаријатот за европски прашања токму кадровскиот потенцијал ќе биде најголемиот предизвик во процесот од преговорите за членство со Брисел.

-Главниот преговарачки тим мора да биде мал и рационален збир на најдобрите, а единствен критериум знаење, искуство и кредибилитет. Ќе бидам искрен, кадровскиот потенцијал е предизвик и дел од овие луѓе ние денес ги немаме во администрацијата, но во Владата веќе разговаравме за политика на задржување на компетентните и способните професионалци и привлекувањена нов кадар и на неа ќе и пристапиме како на прашање од највисок државен интерес, вели шефот на СЕП, Никола Димитров.

Од Министерството за информатичко општество и администрација порачуваат дека во преговарачките тимови ќе мора да се обезбеди баланс меѓу компетентни административни службеници, кои имаат одлични познавања за политичкиот систем и законодавството на земјава, но и практично искустви за тоа како институциите функционираат одвнатре. Исто така ќе бидат потребни и експерти од невладинот сектор и академската заедница.

– Начините за нивно ангажирање дополнително би биле разгледувани, имајќи ги предвид буџетските капацитети на државата, а и компаративните искуства на земјите-членки од регионот кои поминале низ процесот на преговори, додаваат од Министерството за администрација.

Според нив има простор за подобрување на административните капацитети, а фокусот првенствено треба да биде ставен на континуирани обуки и надградба на вработените од министерствата и другите органи на држава кои ќе бидат вклучени во работните групи за преговори.

Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, на прашањето колку експерти и кадар ќе ни биде потребен во преговорите, вели дека нема потреба да се лицитира со бројки.

-Мислам дека непотребно се лицитира со бројки на луѓе потребни за преговорите. Ние имаме големо искуство во процесот и добар број експерти. За жал, од администрацијата се осипа искусен и професионален кадар, најмногу заради политизацијата, како и заради недостатокот на поттик каков што се преговорите. Сега е најважно да се задржат професионалците во администрацијата и тие да се мотивираат, ни изјави Ристевска-Јорданова.

Таа додава дека е потребна реорганизација на кадарот.

-Треба да се проценат постојните капацитети, ако е потребно тие да се реорганизираат, како и да се утврди каква дополнителна експертиза е потребна. Таква може да се обезбеди на повеќе начини, како што се проекти итн. Процесот може рационално да се организира. Меѓутоа, кога зборуваме за капацитети, треба да зборуваме пошироко за капацитетите на јавната администрација, но и друите чинители да се носат со процесот на пристапување. И тоа секако значи инвестиции во човечки, но и други ресурси, потенцира Ристевска-Јорданова.

Во декември се очекува да се оддржи првата Меѓувладина конференција, кога и де факто преговорите почнуваат, а Димитров, најави дека доколку работите се движат според очекуваната динамика, би можеле до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер.

Според Ристевска -Јорданова пак целиот процес би можел да трае повеќе од една деценија.

-И во најоптимистичка варијанта – ќе требаат минимум 10-15 години. Најоптимистичка варијанта би значела работите во ЕУ да се одвиваат во позитивна насока, а нашата држава да покаже сопствена визија, континуитет и одржливост на реформите, вели нашата соговорничка.

В.В.

Поврзани новости