Се проширува Ковид-19 одделението во Кавадарци

by fokus

Ковид-19 одделението, кое започна да функционира во кавадаречката болница минатиот петок, со капацитет од 14 кревети, од утре добива уште девет кревети.

Во него се сместени пациенти позитивни на корона вирус од Кавадарци и Неготино, а според директорот на болницата, д-р Диме Коцев, моментално се хоспитализирани десет пациенти.

-Четири од десетте пациенти на одделението се на кислородна поддршка. Од утре на располагање ќе имаме 23 кревети, поради зголемениот број на нови случаи во Тиквешијата. Засега функционираме во најдобар ред, имаме соработка со матичните лекари, даваме се од себе на сите пациенти на кои им е потребна хоспитализација да бидат згрижени во најбрз можен рок и да не се губи време на чекање – вели д-р Коцев.
Појаснува дека пациентите хоспитализирани во Кавадарци се со лесна и средно тешка клиничка слика. Помеѓу нив имало и дијабетичари, кои спаѓаат во поризичните групи, а моментално сите биле во стабилна состојба.

Во Кавадарци има над 150 активни случаи на Ковид-19, а во Неготино околу 50. Позитивните пациенти од Росоман се вбројуваат во Општина Кавадарци, додека пак оние од Демир Капија, спаѓаат под Општина Неготино.

Вики Клинчарова

Поврзани новости