Над 2,7 милиони евра досега потрошени за судењето за „Диво Насеље“

by Fokus

Над 2,7 милион евра досега се потрошени за судскиот процес „Диво Насеље“, односно толку пари биле дадени за спровод и обезбедување на обвинетите за терористичкиот напад во Куманово, до Основниот суд Скопје 1.

Според информации од Судот и МВР, до мај годинава, за организирање на едно судско рочиште биле потребни од 35.000 до 45.000 евра, но откако бројот на обвинетите од 29 се зголеми на 37, трошоците се движат околу 50.000 евра од рочиште.

Според информации од одбраната, досега се оддржани 55 судски рочишта, што пак значи дека вкупно биле потрошени над 2,7 милиони евра.

Организирањето на ова судење е екстремно скапо бидејќи поради голем безбедносен ризик, на денот на рочиштата, се ангажирани голем број на припадници на Министерството за внатрешни работи, односно на терен се Единицата за брзо распоредување, редовната полиција, затворската и сообраќајната полиција, а голем дел од трошокот отпаѓа и за ангажирање на хеликоптерската единица, бидеќи на секое рочиште хеликоптер го надлетува главниот град.

Дел од трошоците се и за организирање на спроводот на обвинетите од затворите каде што се наоѓаат во притвор, до Кривичниот суд. Обвинетите се сместени во неколку затвори, односно во Битола, Прилеп, Охрид, а дел се и во истражниот затвор „Скопје“.

 

Овој судски процес започна на 9 февруари годинава, кога на обвинителна клупа седнаа обвинетите за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Диво Насеље во Куманово.

Случајот веќе влезе во завршница, бидејќи во среда и четвртокот одбрана даваа дел од обвинетите и нивните адвокати, а со истото темпо ќе се продолжи и од 12 септември, за кога е закажано ново рочиште.

За тоа кој на крајот ќе ги покрие овие троошоци, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека, согласно законот трошоците се утврдуваат и се пресметуваат со конечната одлука на судот.

Според досегашната судска пракса, судските трошоци паќаат на грбот на осудените.

Валентина Вурмо

Поврзани новости