Над 1,3 милион евра досега се потрошени за судскиот процес „Диво Насеље“, односно толку пари биле дадени за спровод и обезбедување на обвинетите за терористичкиот напад во Куманово, до Основниот суд Скопје 1.
Според информации од Судот и МВР, до мај годинава за организирање на едно судско рочиште биле потребни од 35.000 до 45.000 евра, но откако бројот на обвинетите од 29 се зголеми на 37, трошоците се движат околу 50.000 евра од рочиште.
Според официјални информации од Кривичниот суд, од стартот во февруари па се досега, се одржани вкупно 27 судски рочишта за овој предмет.
Организирањето на ова судење е екстремно скапо бидејќи поради голем безбедносен ризик, на денот на рочиштата, се ангажирани голем број на припадници на Министерството за внатрешни работи, односно на терен се Единицата за брзо распоредување, редовната полиција, затворската и сообраќајната полиција, а голем дел од трошокот отпаѓа и за ангажирање на хеликоптерската единица, бидеќи на секое рочиште хеликоптер го надлетува главниот град.
Дел од трошоците се и за организирање на спроводот на обвинетите од затворите каде што се наоѓаат во притвор, до Кривичниот суд. Обвинетите се сместени во неколку затвори, односно во Битола, Прилеп, Охрид, а дел се и во истражниот затвор „Скопје“.
На обвинетите им се суди во сала на Врховниот суд, поради потребата од поголем простор, а претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, објасни дека пред да почне судењето бил изготвен оперативен план за начинот на обезбедување на судскиот комплекс помеѓу Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Апеацискиот суд – Скопје и Врховниот суд, начин на движење на вработените и возилата кои пристапуваат до судскиот комплекс.
-Воедно овој оперативен план опфаќа и начин на физичко обезбедување на самото судење со помош – асистенција, по наредба на судечкиот совет од страна на МВР на РМ, а наведеното од аспект на безбедност, истакна пред неколку месеци Панчевски.
Овој судски процес започна на 9 февруари годинава, кога на обвинителна клупа седнаа обвинетите за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Диво Насеље во Куманово.
Случајот е далеку од разрешница, односно пресуда, поради што се очекува трошоците до крајот вртоглаво да се зголемат. За тоа кој на крајот ќе ги покрие овие троошоци, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека, согласно законот трошоците се утврдуваат и се пресметуваат со конечната одлука на судот.
Според досегашната судска пракса, судските трошоци паќаат на грбот на осудените.
Валентина Вурмо