Кога почина нашиот колега, легендарниот музичар Ферус Мустафов, илјадници пораки со сочувство, негови фотографии и видеа се објавија на социјалните мрежи од голем број на колеги. Но, денес, на комеморацијата која се одржа во МОБ, немаше ниту 30 луѓе. Не сакам да помислам ништо друго, туку дека колегите не дошле бидејќи е работен ден, можеби имале неодложни обврски… Нам ни е важно што го испочитувавме – за ,,Фокус” вели Горјан Стојановски, претседателот на Здружение на естрадни уметници –Естрада.
Појаснува дека и на погребот на Ферус, кој се одржа на гробиштата Камник, Скопје, пред два дена, имало околу 150 луѓе, помеѓу кои и политичари.
-Тие му оддадоа почит за време на погребот. Од колегите тогаш го испратија Сузана Гавазова, Џамбо Агушев, Трајче од Бузуки Бенд, а дојдоа и негови колеги од Србија и Бугарија. Не сакам да шпекулирам зошто голем број од колегите не се појавија денес на комеморацијата, ние имавме приготвена програма со неговата биографија, фотографии… Присутен беше син му Илми, внукот Ферчо…
Тој остави голем белег во македонската музика – ни изјави Стојановски.
Мустафов почина на 72-годишна возраст по кратко боледување. Зад себе ја остави сопругата Јелена и ќерката Мелек, а од првиот брак има син, ќерка и возрасни внуци.
Вики Клинчарова