Македонската јавност вчера беше потресена од веста за смртта на двајцата алпинисти, Зоран Мајсторски и Драган Станишков, кои загинаа при чистење на силоси во рудникот „Бучим“.
Нивни блиски пријатели се збогуваат со нив на социјалните мрежи, а Даница Стојановска, која исто така е љубител на планинарските спортови, со голема емоција раскажуваше за нејзиното пријателство со Мајсторски.
„Многу ми е жал за тоа што се случило. Се уште не можам да поверувам дека Зоки го нема. Голем другар, уште поголем човек и врвен алпинист. Скромен, насмеан, голем. Во срце, во идеи, во дела. Еден од најдобрите алпинисти кај нас. Таквите луѓе се ретки. Затоа вечно ќе го паметам по неговата насмевка и позитивна енергија што ја носеше“, со неверување вели Стојановска.
Тие со Мајсторски имале многу заеднички дружби на планина, а во сеќавање ќе и остане искачување на врвот Солунска глава пред две години, кога Мајсторски и бил неверојатна поддршка на Стојановска за безбедно да се вратат.
„Месец декември, а ние тргнавме кон врвот Солунска глава. Меморијален марш „Четири алпинисти“, во сеќавање на прерано загинатите алпинисти од лавина. Времето беше ужасно, многу студено со силен ветер. За мене турата беше напорна, а сите брзаа да стигнат до врв поради лошите услови и јас не можев со тоа темпо. Единствено Зоки ме забележа дека не ми е добро и остана до мене до крај. Ме мотивираше на смирен начин да издржам“, раскажува Стојановска.
Во еден момент нашата соговорничка се почувствувала беспомошно, не можејќи да продолжи да чекори, но силните охрабрувачки зборови на Мајсторски и дале елан.
„Имавме уште еден час до самиот врв. Зоки се вртеше на секој чекор да провери дали сум добра, да ми даде мотив да продолжам додека ветрот беснееше. Во еден момент едвај успеав да се напијам вода. Неговите мотивирачки зборови беа неверојатни. Да не беше тој, не знам што ќе беше тој ден. Стигнавме до 10 метри од врвот, мислев дека ќе паднам во бессознание. Никогаш такво нешто не ми се случило, а Зоки рече: Одмори, се враќаме назад. Извади чоколадо да ми се врати енергијата. Направивме некоја фотографија и тргнавме за назад“, додава таа.
Мајсторски работел долги години како снимател во локалните телевизии во Радовиш, а голема пасија му била и фотографијата како начин на изразување на креативноста.
„Кога се враќавме разговаравме многу. За фотографијата, за животот, за планините. Времето се разведри. На шега му дофрлив: Зоки, преживеавме. Одеше и си пееше за назад. Си размислував дека многу се ретки луѓето како него во тој момент. Да не беше тој, не знам како и дали ќе стигнев до планинарскиот дом „Чеплес“. Му го кажав тоа и му се заблагодарив. Вечерта во планинарскиот дом, Зоки ја доби наградата за најдобар и најуспешен алпинист во Македонија за 2019 година. Сосема заслужено. Ќе ми недостасува таков човек“, го заврши разговорот Стојановска.
Фото – Приватна архива, Алпинистичка федерација на Македонија
Јорданчо Цветаноски