На сајтот на „Службен весник“ се уште не е објавена биографијата на новиот млад директор Кржалоски

by fokus

По изборот на новиот в.д. Директор на јавното претпријатие „Службен весник“, Лука Кржалоски, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи. Во најголемиот дел од коментарите може да се види дека граѓаните најмногу реагираат за возраста на Кржалоски, односно велат дека е премногу млад.

-Така, така само ставајте нови и млади, и затоа многу напред ни оди работава. Не сум против младите да се вработуваат во никој случај, туку сум против што се ставаат на високи функции и затоа административните работи тешко се завршуваат. Без компас и без организација“, е само еден од многуте коментари на социјалните мрежи.

На сајтот на „Службен Весник“, Кржалоски е заведен како директор, но таму недостасува неговата биографија. Досега на сајтот можеа да се прочитаат биографиите на неговите претходници, но нејасно е зошто таму не е објавена и на новопечениот директор.

Се обидовме и да стапиме во контакт со новиот директор, за да самиот открие колку години има, но и да каже дали досега имал некое работно искуство, но добивме одговор дека е на состанок.

По пребарувањата на интернет наидовме на информација дека во 2013 година, Кржалоски, бил избран за член на Универзитетскиот сенат на УКИМ, по предлог на Студентскиот парламент, па оттука може да се претпостави дека пред три години се уште бил студент, што пак по слободна пресметка би значело дека нема повеќе од 25 години.

Инаку, Лука Кржалоски е дел од Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и еден од најактивните млади членови на УМС. Тој доаѓа на местото на досегашната директорка Ангела Атанасова.

В.В.

Поврзани новости