Премиерот Зоран Заев утре треба да се појави во Кривичниот суд каде што му се суди за случајот „Поткуп“.
На минатото судско рочиште судијката Дијана Груевска -Илиевска го одби предлогот на адвокатите снимките од ПИ мерките да се отстранат од доказите, бидејќи уште пред да бидат презентирани во судница беа објавени на неколку медиуми.
Одбраната поднесе жалба до Апелација, а од таму побара мислење од Вишото јавно обвинителство.
Според обвинителниот акт за случајот „Поткуп“, кој влезе во судските лавиринти на Основниот суд Скопје 1, Заев во својство на службено лице, градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кој сега се води како оштетен во случајот, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Наводно, една половина од парите требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Според правниот тим на Заев, во обвинението не може да се бара ниту правна логика, оценувајќи го како контрадикторно, правно неиздржано, тенденциозно и непрецизно. Еден од главните аргументи на одбраната е дека Заев не ги примил парите за кои се товари за поткуп, а постапките за откуп на градежното земјиште биле законски завршени, па затоа и да сакал, не можел допрва да го уценува бизнисменот и да му бара пари.
Дека случајот е небулозен и монтирн тврди и премиерот Заев.