На повидок е катастрофален распад на левицата!

by fokus

Текстот е објавен на 25-ти март 2005-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 508

По оправданото отсуство заради амбасадорската функција во Софија, деновиве на македонската политичка сцена повторно се активираше Љубиша Георгиевски. Својот ангажман во ДПМНЕ, а не во Народна партија, го објаснува едноставно дека од 1992-та е член на ВМРО ДПМНЕ, И додава дека и сите да заминат, тој ќе остане до крај и последниот во неа.

Сепак на почетокот од разговорот нагласи дека говори во свое име, а не во име на партијата. Поводот за интервју со професорот и режисерот Љубиша Георгиевски беше фактот дека изборите 1994-та година според многумина се сметаат за првиот фалсификат во Македонија. Тогаш пак Георгиевски беше претседателски кандидат на опозицијата. Кога нивните забелешки и приговори не беа прифатени, визионерски констатираше дека „Срамот ја напушти Македонија“.

ФОКУС: Се чувствувате ли како прва жртва на изборен фалсификат?

ГЕОРГИЕВСКИ: Без лажна скромност ќе ви кажам дека жртва беше повеќе Македонија, затоа што јас ги преболев тие работи. Тоа ми е како да читам историја на некој друг човек. Поминаа 10 години, немам никакви зли чувства заради тоа, немам фрустрации. Напротив, со самиот Киро Глигоров сме одлични соработници во балканскиот политички круг, се бориме за угледот на нашата држава. Според тоа, може да се каже дека условно бев жртва. Јас ќе ги загубев изборите во вториот круг, затоа што разликата во рејтингот беше таква. Но тоа го прави фалсификатот уште побезобразен.

Ме навредува дрскоста на фалсификатот. Еве, ќе ви кажам само една бројка на која се сеќавам, претседателот на тогашниот ДИК кажа „толку и толку доби Глигоров, а толку и толку доби Георгиевски плус 150.000 неважечки листови на страната на Георгиевски“. Што е пораката? Прво, 150.000 неважечки листови, тоа беше тогаш 12% од целокупниот електорат, а не од тие што излегоа на гласање. А со 12% неважечки ливчиња во ниту една цивилизирана земја изборите не би биле регуларни.

Но, тоа содржеше еден невиден цинизам: „Оставете ја секоја надеж за демократија. Ние комунистите сме дошле со крв на власт и со крв ќе ја оставиме“. Тоа беа некои јавни изјави на некои помали гавази за Киро Глигоров во тоа време.

ФОКУС: Можна ли е паралела со сегашниве локални избори?

ГЕОРГИЕВСКИ: Паралелата е можна само околу механизмот како се „докторираат“ избори – тоа е израз на Бутрос Гали. Тој тогаш изјави: „да претседателските избори во Македонија беа докторирани“. Значи тука имало инјекции, шавови, хирургии итн. Но она што е најстрашно при фалсификуваните избори не е кој ќе дојде на власт, туку тоа што фалсификуваните избори се демоцит. Тоа е убивање на демократијата и убивање на народот.

Ако вие на народот му кажувате излегле, не излегле, ние ќе ги броиме вашите гласови, тоа значи дека со предумисла ја убивате демократијата. Што ако ја проповедате. Тоа само значи дека во прашање е убица со лицемерие. И второ нешто, ако вие фалсификувате гласачки ливчиња, тоа е ист деликт само што морално многу помизерен отколку да печатите лажни пари. Дури правењето на лажни пари има некој романтизам, има некој бунт, во смисла, не ми се парите најважни на свет. Но, крадењето на избори говори само за мизерен човек кој сака да дојде до власт и да владее.

ТРАНЗИТИРАМЕ ОД ИСТО ВО УШТЕ ПОИСТО

ФОКУС: А кога еднаш ќе се замижи на преседанот, потоа тоа станува правило?

ГЕОРГИЕВСКИ: Страшно е сознанието дека последните чесни избори во Македонија, докрај чесни, неоспорени од никого, беа 90-та година. Ние од тогаш не се движиме кон демократијата и кон Европа, туку транзитираме од исто во уште поисто. И интезивно се променуваме за да останеме што поисти. А останувањето на исто дереџе е враќање назад.

ФОКУС: Тогаш кажавте: „Срамот ја напушти Македонија“. Времето ве потврди. Веќе царува бесрамноста?

ГЕОРГИЕВСКИ: Македонија ја напушти срамот, меѓутоа за срамот има една чудесна легенда. Кога Господ му делел на човекот карактерни црти, сите ги разделил неправедно. И кога видел што направил рекол „јас направив голема грешка, и сега за да ја поправам, на секој ќе му поделам чувство на срам“. Чувството на срам е фундамент на секој социентитет. Ние не сме имале ни судови во турско, но постоеле судови кои биле неподмитливи. Се знаеле три домаќини во селото биле неформален суд. Што ќе речеле тие, тоа било. Каде се сега во Македонија „трите домаќини“? Чувството на срам ќе се возобнови кога тогаш. Од овој маѓепсан круг на фалсификувани избори можеме да излеземе само со помош на меѓународната заедница. И таа помош според мојата анализа ќе дојде многу скоро. Ако не за овие избори, за следните сигурно.

ФОКУС: А зошто меѓународната заедница во континуитет толерира толку фалични изборни циклуси?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не сум адвокат и немам мандат да говорам во име на меѓународната заедница, но бидејќи сум објект на нејзината политика како граѓанин, а нејзината политика е важна за оваа земја, имам право да анализирам. Мислам дека досега вклучително и овие избори, меѓународната заедница во своите анализи говореше „да треба фер избори во таа земја. Но, нема фер избори бидејќи нема демократија“.

Меѓународната заедница барем 5 години е жртва на таа теза. Сега се гледа дека ќе дојде до заклучок дека заради нефер изборите нема демократија. А не дека нефер изборите се резултат на немање демократија. Значи каузалитетот ќе го обрне, бидејќи очигледно кај нас и на други полиња исто така недостасува  демократија.

ФОКУС: Зошто? Каде е проблемот? Кај граѓаните, интелектуалците?

ГЕОРГИЕВСКИ: Граѓаните не, а интелектуалците имаат вина. Мислам дека ние предолго играме во погрешен филм. Нас ни е наметнат еден филм скроен во извесни лаборатории дека оваа земја ќе има меѓуетнички проблеми. Ние сите играме стручно во тој филм. Од време на време ние сме Индијанците, од време на време Албанците се лесната американска коњаница. Тој филм се разигра до 2001 година. Сега повеќе нема потреба за тој филм. Јас ќе ви кажам зошто.

Има Албанци што гледаат во контејнери. Има Албанци што се невработени. Има Албанци што загинаа во војната која уште не ја разбираат. Има Албанци мафиози како што има и ново збогатени Македонци мафиози. Мислам дека наскоро интелектуалната и политичката елита на Македонија без разлика на етничкото потекло, ќе ја стави на тапет првата автентична дилема на Македонија, а тоа е: сиромаштијата, константното тонење на македонскиот кораб се додека сите не се удавиме во него.

ФОКУС: Зарем досега сиромаштијата не беше актуелна?

ГЕОРГИЕВСКИ: Нашите етно елити не можат да разберат дека не случајно Месечината врти околу Земјата и дека не случајно Земјата се врти околу Сонцето.  Тоа се физички закони, а ние сакаме цел свет да се врти околу нас. Покојниот Борис, некаде во 2003 година, ме праша: „Добро, Љубиша кажи ми, јас не можам да разберам, зошто ние Македонците ги мразиме толку многу Американците. Па тие во своја историја имаат најмалку предрасуди во однос на Македонија, овие другите европски земји ја сечеле и кроеле“.

Му кажав дека ние ги мразиме токму затоа што имаат помалку предрасуди за Македонија од нас самите. Ние често пати елипсата на нашиот автентичен патриотизам ја заменуваме со омразата кон другите. Нас секогаш крив ни е некој трет. Кога патував со политичарите од СФРЈ,  многу често се среќававме во авион, ги прашував што прават, веќе беше се слободно, не беше жив Тито. Но ми велеа „Белград колку ќе ни даде- толку“. Сега ќе дојде некој човек од ММФ и три месеци  тој е причина за сите глупости на владата.

ФОКУС: Навика да се слуша еден центар?

ГЕОРГИЕВСКИ: Ние сѐ уште не сме ја преболеле сопствената независност како држава.

ФОКУС: Но, тоа говори дека не воделе некадарни политички елити?

ГЕОРГИЕВСКИ: Сигурно некадарни. Сетете се на 1990 кога ја напишав книгата „Политичката идеја на Македонија“. Коса ми се крева кога ќе ја прочитам. Толку е страшно, толку е исто, но тогаш луѓето велеа: „пуштете го тој е алкохоличар, будала, каква независност“. Во тоа време програмата на ВМРО ДПМНЕ не беше за независна држава, туку за конфедерација. Мојата програма напишана во книгата беше независна Македонија.

Проблемот е што на лош начин е сакана нашата татковина. Бугарите имаат израз „недољубена“. А кога една дама е недољубена, тоа е ужас. Тоа е една невозможна ситуација, еротичка помеѓу нашата политичка елита и сопствената им татковина. Тие еротички се фрустрирани кон сопствената татковина, тие не ја љубат. Тука не говорам за патриотизам, тоа е минато време, се виде колку и колкави патриоти бевме. Ајде сега да почнеме нешто реално.

КОМУНИСТИТЕ ГО ЛАЖИРАА И СОЦИЈАЛИЗМОТ!

ФОКУС: Но кај луѓето веќе е акумулиран гнев, незадоволство, иако сега се манифестира како апатија?

ГЕОРГИЕВСКИ:  Има експлозивни процеси во државата, досега бев склон да ги толкува како „афтер шокови“, после 2001-та. Но она што длабоко ме загрижува, но и длабоко ми дава голема надеж  е тоа дека сега ДПА и ПДП за прв пат демонстрираат на еден историски нов начин – прв пат на албанскиот кампус не сме им виновни ние. За прв пат си наоѓаат виновник во својот роден „балканкан“.

Тоа извесно превозмогнување на нашиот црно – бел филм, што го нарекувам „порнографски филм на етничко насилие“. Нас ни беше кажано дека треба да играме и ние го одигравме филмот,  помалку или повеќе успешно. Но во она што сега се случува, гледам неколку елементи. Не сакам лошо да го глумам Насрадин Оџа, но гледам една мугра.

Од време на време, нели, „некој ја гаснеше ламбата во балканската крчма“. Сега таа повторно е угасната и тоа катастрофално. Но наскоро мислам дека ќе се појави некоја таква  мугра, на која ништо не ќе и значи дали ламбата е угасната, бидејќи веќе ќе биде ден. Сметам дека во Македонија „ќе светне силно ден“. Ако огрее сонце над Македонија, никој не ќе може да се скрие.

Ќе се видат сите работи и тогаш не е ни можна револуцијата, како што не е можна ни контрареволуцијата. Ќе имаме постхумано општество. За 20 години никој не ќе може да не препознае. Кога ќе читаат што проблем сме имале сега, ќе речат: „ха, ха, па тие си фалсификувале локални избори“.

ФОКУС: Дали „ќе ни светне ден“ со рекордот од скоро 400 000 невработени? И дали „ќе ни светне“ после разврската на косовското прашање?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не можам да ви кажам. Најголемото оружје на секој политичар е да е во сојуз прво со времето, а после со другите сојузници. И најголем проблем е што со времето стоиме лошо. Овој тајминг дипломатски покажува дека во август ќе се стави на тапет косовското прашање. За нас косовското прашање искрсна како најважно, затоа што господата, кои и да се, што го потпишаа рамковниот договор, требаше да водат сметка: рамковен договор – да, но во рамковниот договор мораше да се дадат апсолутни гаранции за границата према Југославија која веќе беше потпишана на маса. Можеби е и вложен напор за тоа, но неуспешен. Дај Боже да е така. Ние мораше да се обезбедиме уште тогаш околу Косово. Сепак сум оптимист. Длабоко верувам во утврдените гаранции од САД за интегритетот на Македонија и во принцип за не пипање на границите.

ФОКУС: Но, и СФРЈ  добиваше силни гаранции дека нема да се распадне?!

ГЕОРГИЕВСКИ: Да, но СФРЈ се распаѓаше по логика на определени граници. Националниот интерес на цела Европа и САД е: овде доста со војна. Оваа рана треба да се залечи. Овој Балкан треба да се примири. Во таа смисла ако се менува границата, не може на Балкан една граница да се промени за три педи, а тоа да не произведе домино ефект?

ФОКУС: Србите велат дека осамостојувањето на Косово веќе значи промена на државните граници на  Србија. Мислите ли дека на некоја меѓународна конференција повторно ќе се крои Балканот?

ГЕОРГИЕВСКИ: Еден „Рамбуе“ ќе се направи. Се разбира дека Албанците настапуваат со една многу класична, стара и малку смешна дипломатија: „да побараме многу, за да добиеме малку“. Тоа е една класична драматургија во дипломатијата. Србите се малку помодерни и нудат една широка автономија. Настапуваат со минималистичкиот став после кој се очекува да се многу тврди, но тоа се само игри.

ФОКУС: Ние, пак, имаме само оптимистички став дека меѓународниот фактор ќе ни помогне?

ГЕОРГИЕВСКИ: Нашата надворешна политика е политика на еребица. Еребицата ако не ја згазите, не тргнува да лета бидејќи ако летне ќе ја видите и ќе ја убиете. Таа се притајува, тоа е политика на мимикрија. Ние сме сега како еребица, срцето ни лупа 220 на минута и си велиме „леле да им даде господ добрина на Американците да не ја променат границата инаку што ќе правиме“.

Ама ако овие бидат на власт, ќе знаат што ќе прават и да се промени границата, ќе речат дека тоа така требало, така можеме итн. Тоа е политика на еребицата и таа политика не е лоша за една мала земја. Таа е многу помалку смешна од политиката на војводи. Таа е мулти смешна. За нас треба една надворешна политика која е мудра и која малку порано ќе ја согледува проблематиката и ќе ја превенира на време.

ФОКУС: Што стана со онаа Ваша најава од изборната кампања „на орелот ќе му ги скастриме канџите“.

ГЕОРГИЕВСКИ: Со таа изјава ме „задолжија“ комунистите, односно комунистичката цензура, а некаде напишав „кој цензурирал луѓе, ќе биде казнет да цензурира папагали“. Гледаме на ТВ како сето, и кадарно и некадарно, папагалира и сега нема кој да ги цензурира. Инаку, тогаш јас среде Тетово кажав точно вака: „Летајте високо во културата, (а тоа подоцна го покажав во пракса – произведов албанска класа, за што добив честитики од сите албански лидери), летајте високо во политиката, бизнисот, но ако пуштите канџи јас ќе ви ги пресечам“.

ФОКУС: Па пуштија канџи, но не им ги пресековте?

ГЕОРГИЕВСКИ: Да тоа е едно, но овие цензорите на духот, полицајците на духот, го пуштија тогаш само „јас ќе ви ги пресечам канџите“, што е една монструозна монтажа која имаше одредена цел. Ама тоа остана така, и сега од мене прават војвода. Не велам дека тоа не ми е убаво, ама не е точно. Не сакам да се китам со неточни работи. Во мојата книга „Политичката иднина на Македонија“ имам цело поглавје за албанскиот проблем и тогаш нашата власт  да потпишеше пакт  со албанскиот фактор, а можеше да се потпише, ние ќе се повикавме на еден Охридски договор од 1991 година, без војна, а оваа земја немаше да се дави во етнички судири без да сакаме.

ФОКУС: Добро може ли да се оди напред ако не знаеме што ни се случи во 2001 година? Обично доаѓаат пораките „оставете го минатото“.

ГЕОРГИЕВСКИ: Комунистите го лажираа и социјализмот, никој од нив не беше марксист, беа за греота. Јас се скандализирав колку не го читале Маркс, можам да им отворам уште една кумровечка школа. Тоа е истата традиција да се табуираат цели теми. Го читам обвинителниот акт за Љубе Бошковски, потпишан од Карла дел Понте и таму е запишана нашата историја.

ФОКУС: Како се чувствувате откако го прочитавте обвинението?

ГЕОРГИЕВСКИ:  Старо правило е дека „на кого му припаѓа власта, нему му припаѓа историјата“ и сега вие сте немоќни. Нели во оваа држава ние имавме власт , но зошто ја немаме историјата? Не можеме ние да го оставиме тоа така, тоа е еден историски акт, обвинителен акт. Карла дел Понте е брилијантен јурист и не смее да заборави дека сведоците во сите европски и американски држави се колнат со: „ќе ја зборувам вистината, целата вистина и ништо друго освен вистината“.

Кога таа опишува дека имало востание во 2001 година, кога тврди дека судирот бил етнички, дека македонската влада војувала со некои партизани кои се бореле за слобода, пеки немам ништо против, но согласно истата онаа формула која ја пишуваат за Љубе – знаел или можел да знае, тогаш и Карла дел Понте ако не знаела можела да знае дека треба цела вистина да се говори пред правдата и да напише: да се бореа, но против владата на РМ во која имаше 5 министри, 7 заменици итн. Албанци. Но, ако го стави тоа паѓа во вода главната теза дека војната била етничка. Јас не мислам дека војната била етничка. Треба да се организира округла маса заедно со интелектуалци од албанскиот кампус на оваа тема.

ФОКУС: Албански интелектуалци го оправдаа оружјето 2001-та?

ГЕОРГИЕВСКИ: Јас ви тврдам дека албанските интелектуалци, кога ќе седнеме да говориме, нема тоа да го признаат за етничка војна затоа што немаат доволно аргументи. Тоа не беше етничка војна. Етничка војна беше друго. Етничка војна беше Милошевиќ и Косово.

ФОКУС: Но која е поразената страна во таа војна што не е етничка?

ГЕОРГИЕВСКИ: Немаше страни овде.

ФОКУС: Имаше две страни?!

ГЕОРГИЕВСКИ: Не. Двете страни победија.

ФОКУС: Како победија?

ГЕОРГИЕВСКИ: Досетете се како. Двете страни победија и на двете страни им е многу убаво. На народот и на граѓаните, не правам разлика меѓу Македонци и Албанци, не им е баш убаво. Убаво им е на елитите.

ОД БУЧКОВСКИ ЛИ ДА СЕ ПЛАШИМЕ?!

ФОКУС: И во ВМРО сега има две страни: ДПМНЕ и Народна. Расколите ја следат партијата сиве овие 15 години. Како ќе го објасните тоа?

ГЕОРГИЕВСКИ: Расколите не се карактеристика само на ВМРО, би кажал само тука се малку полошо скриени. Од расколот на СКЈ пропадна цела Југославија. Не пропадна Југославија од распадот на ВМРО. И оваа држава ќе ги доживее најголемите грозоморни катастрофи од распадот во левицата.

ФОКУС: Гледате можен раскол во левицата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Па тоа е на повидок и не знам како вие не го гледате. Тоа е толку јасно и ќе се крши преку избори, преку фалсификати итн.

ФОКУС: Проблемот е можеби што нема внатрепартиска демократија?

ГЕОРГИЕВСКИ: Кога беше претседателската кампања, реков дека ако ги ставаме сите проблеми под тепих, од под тепих ќе излезат крокодили. Во оваа држава сите главни и внатрепартиски проблеми се ставаат под тепих и потоа излегуваат крокодили.

Ништо добро не може да произлезе од смрт. Смртта значи распаѓање. Кога нешто се распаѓа, тоа нешто е мртво, и се дезинтегрира. Има време за дезинтеграција и за интеграција. Сигурно е многу лош расколот во ВМРО-ДПМНЕ. Но, исто така е сигурно, и многу тенденциозно некој да кине зелени и да ги бара виновниците во тој раскол.

Виновниците ако почнеме сега да ги бараме, ќе го продолжиме расколот. Тој треба да се остави на природата. Секоја рана се затвара. Мислам веќе во вториот круг, ќе ги видиме првите знаци на затварањето на таа рана затоа што тоа е инстинктот на ВМРО-овците. Тие инстиктивно ќе гласаат против сѐ што е СДСМ без разлика какви се инструкциите.

Денес Латас рече дека најголемиот успех на СДСМ е да ја растури опозицијата. Но, никој во оваа држава не се прашува кој е најголемиот успех на државата. Генерално да сумираме мислам дека најстрашното за нашата политичка елита е да го става својот личен над интересот на државата. Губите – губите! Не е ништо страшно.

Мора да се навикнеме да губиме. Некој во оваа држава за најнавредлив израз го лансираше – лузер. Тоа е исто како кога некој ќе рече: „а бе овие сељаци“. Ако навредите некој дека е сељак, вие сте сигурно сељак, а ако сте вистински граѓанин, тогаш нема да му го кажете тоа.

Така што ако нашата елита најде во себе морални сили, своите интереси да ги стави во служба на највисокиот интерес за татковината, тогаш татковината наша ќе ја има таа блескава иднина. Ако не, ќе ја нема. Секоја фирма во која секој гледа да грабне за себе, а не работи за фирмата, таа ќе банкротира.

ФОКУС: Дали можат едни луѓе кои во подолг период ги гледаа само своите интереси, наеднаш  да ја променат филозофијата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не можат.

ФОКУС: Што очекувате од вториот круг на локалниве избори?

ГЕОРГИЕВСКИ: Мислам дека вториот круг ќе биде необично тивок, дека сите наши граѓани ќе ја сфатат сериозно оваа порака од меѓународната заедница, дека е крајно време да се опаметиме. Владата мора да биде спремна  да ги превенира сите можни инциденти што ги планираат оние кои не ја сакаат оваа држава.

ФОКУС: Но премиерот Бучковски вината за нерегуларностите во првиот круг ја пронајде во ДУИ, во партијата на Ромите и во опозицијата?

ГЕОРГИЕВСКИ: Тоа говори само дека имаме премиер кој за жал сѐ уште размислува црно-бело. Мислам дека ќе се опамети. Настаните ќе го натераат да се опамети. За година и пол дена има навистина животна шанса да направи нешто за оваа држава. Јас не би го дезавуирал сега лично како човек.

А, друга работа, ако не дај Боже згреши, па за нечиј атер оди на  „контингентите“ гласови што ги најави Жерновски. Е, сега ако СДСМ оди да прави голема игра за мала добивка, тогаш дефинитивно сам себе ќе се закопа како политичка сила која води повеќе сметка за својот интерес отколку интересот на државата. Што важи и обратно, за опозицијата.

Но мислам дека овие реакции на опозицијата кои се доблесни, институционални, сѐ се сведува на политика, на прес конференции и на мали средби со граѓани, исто така емитираат определен сигнал на Европа и на меѓународната заедница. Сега треба сите да направиме огромни напори изборите да бидат без насилие, да не влегуваат некои субјекти кои ќе речат „ајде бегајте сега, ние ќе ги полниме кутиите и да ве нема половина час“.

Ако нема таква работа изборите ќе поминат красно и Господ е голем и ние ќе го положиме овој испит за во Европа. Јас апелирам до сите страни: вербалните искри нека фрчат, ние сме темпераментни, но да не се посегне по насилието.

ФОКУС: Опозицијата е красна, како што велите, но нешто не и оди. Ги загуби претседателските избори, не успеа референдумот зад кој застана. Што ако не успее и овој пат?

ГЕОРГИЕВСКИ: Ние во 1994 година правевме митинзи и за малку ќе влезевме во Собранието. Љубчо и јас со судни маки масата граѓани ја скренавме на кај црквата. А знаете дека кога една револуција ќе се повтори, дека се повторува како фарса и тоа ќе биде смешно. Најмалку ѝ личи на опозицијата да го понуди бунтот на сопствениот народ „луѓе земајте сега оружје и ајде овие да ги турнеме“.

Тоа е, како прво, декласирано. Второ, времето е поминато на тоа. Нели го почнавме интервјуто со тоа дека умен политичар има сојуз со времето. И тогаш беше доцна за такви работи. Јас да ви кажам се чувствував многу непријатно интимно кога гледав заради мене толкав митинг. Се чувствував исто така крајно непријатно кога им реков: „ајде ќе направам пауза 10 секунди, па се обратив на снајперистите: нишанете“. Мислам дека во овој момент и Пенов се чувствува така.

ФОКУС: Мислите дека чувствува срам?

ГЕОРГИЕВСКИ: Крајно му е непријатно зашто заради него се прави сето ова. Тоа е во човечката природа. Мора да му е непријатно. Го познавам човекот. Го почитувам, но реков и зошто нема да гласам за него. Убеден сум дека гласот на мудроста ќе стигне до него и тој ќе се откаже.

ФОКУС: Дали мислите дека недемократска власт може да се порази на демократски начин?

ГЕОРГИЕВСКИ: Не, тоа е апсурдно. Прашањето ви е, така да речам, схоластично. Тоа е реторички. Во сите држави каде што падна комунизмот беа крвави револуции …

ФОКУС: Но меѓународната заедница ја поздрави „портокаловата револуција“ во Украина, заради изборен фалсификат? Слично беше и во Грузија, во Србија?

ГЕОРГИЕВСКИ: Основно уште од пучевите во стариот Рим беше преторијанската гарда. Се прави муабет со шефот на преторијанската гарда и императорот го нема. Така падна Милошевиќ. Овде нема ни преторијанска гарда. Но, помина тоа и ние сега живееме во едно друго време.

Но прашање е зошто македонскиот народ, македонските граѓани ако им е толку тешко, излегуваат 50% на избори? Нека повелат нека излезат 80% и ете демократски начин како да се урне една недемократска власт. Друго е што таа недемократска власт со години, со децении ги плаши со опозицијата.

Еве, денес бевме кај пензионерите и видов уплав и паника во Домот на пензионерите. Како да дојдоа вооружени луѓе. Како да ќе ги колеме и тоа е страшно. Јас цело време овие 15 години им велам на граѓаните: „од кого се плашите“. На пример, многу е смешно да се плашиме од професор по Римско право. Од Бучковски ли да се плашиме. Па човекот е професор по Римско право и длабоко верувам дека кога ќе загуби ќе го признае поразот, а ќе загуби уште во недела.

Поврзани новости