Обвинетите во Монструм: Да не обесите на плоштад, ако сме го извршиле грозоморното убиство!

by fokus

-Не сме виновни, и затоа бараме ослободителна пресуда, но и извинување од обвинителството и сите оние што предвреме не нарекуваа убијци и монструми.

Оваа реченица беше дел од завршните зборови на петмината обвинети во случајот „Монструм“, кои едногласно ги отфрлија обвинувањата за Велигденскиот масакар, а за целиот процес обвинија дека е монтиран. Тврдеа дека против нив нема докази, а се спротивставија и на исказот на заштитениот сведок Е1 бидејќи неговите изјави биле контрадикторни.

-Го осудувам петкратното убиство, но доколку бев лично инволвиран ќе потпишев согласност, не да ме осудат, туку во центарот на Скопје да ме обесат. Бидејќи не сум виновен, барам да ме ослободат, а обвинителството да ми се извини, истакна во своите завршни зборови обвинетиот Сејди Рами, кој додаде дека пред судот до најситен детал ги објаснил неговите активности на критичниот ден, за што имал и поткрепа од сведоци.

Доколку бил виновен, најстрога казна за себе ќе побарал и Хаки Азири, но потенцираше дека немал никаква вина. Азири на стартот на процесот не беше обвинет, туку заштитен сведок, но подоцна се откажа од овој статус и седна на обвинителна клупа.

-За изјавата дадена во истрага и досега кажав дека тие зборови  не се мои, туку се изречени под притисок и под закана за мојот, но и животот на моето семејство, рече Азири, кој додека беше заштитен сведок имаше изјавено дека дел од обвинетите ги однел во близина на местото на убиството, а потоа ги вратил дома.

И Азири додаде дека се чувствува предвреме осуден, бидејќи почнувајќи од министерката Гордана Јанкуловска, па се до останатите, од првиот ден биле нарекувани убијци или монструми. Го поби и тврдењето на министерката дека биле радикални исламисти кои патувале во Пакистан и Авганистан, иронично истакнувајќи дека најверојатно летале до таму со крилја, бидејќи немал пасош.

Обвинетиот Сами Љута, пак, кој беше уапсен подоцна, бидејќи наводно бил одговорен за логистиката на грозоморниот чин, истакна дека се уште не може да поверува за што го обвинуваат. Отфрли секаква вина од себе.

-Изјавите на заштитениот сведок се контрадикторни. Погрешно ме опишува, вели дека сум имал долга коса, а тоа не е точно. Како што не е точно и дека сум имал црвена флека на образот. Дури вели дека ме видел на растојание од 25 сантиметри, па сум му запалил и цигара кај Смиљковското Езеро. Ова е апсурдно бидејќи во таков случај може да се разоткрие неговиот идентитет, рече Љута, кој додаде дека никогаш не бил во близина на Смиљковското езеро каде што беа убиени четирите момчиња и рибарот.

Обвинувањата ги отфрли и Агим Исмаиловиќ.

-Не потекнувам од терористичко семејство, ниту пак сум осудуван. Се образував на македонски јазик. Половина од моите пријатели се Македонци, и затоа немам причина ниту мотив да убивам Македонци. Не изразив сочуство на семјествата на убиените момчиња бидејќи не ми се пружи таква можност. Бев омаловажуван, а полицијата имаше груб однос со мене во притвор. Во јавноста бевме прикажувани како монструми, а од секаде доаѓаа критика и навреди, рече во своите завршни зборови Исмаиловиќ.

Обвинетиот Фејзи Азири, концесионерот на земјиште близу Смиљковоското езеро, процесот го оцени како монтиран од почеток до крај, а опширно зборуваше дека за извршување на вакво дело треба да постои силен мотив, кој пак кај нив седуммина обвинети не е констатиран од страна на обвинителството. Тој обвини дека цело врем бил изложен на тортура, односно бил тепан и омаловажуван. Бил сместен и во ќелија која била наменета за казна, од 15 дена, а тој таму поминал 750 дена.

И адвокатите тврдеа дека против обвинетите нема докази. Реагираа дека во текот на процесот не им било дозволено да го видат автомобилот, со кој наводно обвинетите побегнале, нарекувајќи го фотоморгана.

-Не е лесно на невин човек да му измислиш вина, рече адвокатот Насер Рауфи, кој истакна дека мотивот се уште не бил јасен во овој случај, бидејќи на обвинителната клупа седеле погрешни луѓе.

Пред неколку дена, пак, своите завршни зборови ги даде обвинителката Гордана Гешкоска, која тврдеше дека мотивот за петкратното убиство е јасен, односно дека е предизвикување на страв кај македонското население. Таа тврдеше и дека обвинението е поткрепено со цврсти докази.

На 18 овој месец се очекува и финишот на судскиот процес,  бидејќи за тогаш е закажана објава на пресудата.

 

 

 

Поврзани новости