На овој дел од патот често се случуваат несреќи, вели градоначалникот на Перник

by Fokus

Автобусот откинал околу 50 метри од заштитната ограда, изјави градоначалникот на Перник, Станислав Владимиров, пред новинарите во близина на местото на несреќата, во која загинаа 46 лица.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Владимиров, делницата е влажна. Причините за несреќата можат да бидат многу.

-Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу, рече Владимиров.

Според градоначалникот на Перник, на овој дел од патот често се случуваат несреќи. Оваа рута е една од најтешките во Бугарија, има огромна денивелација, и голема концентрација на сообраќај.

Засега може да се каже дека немало друг учесник во несреќата, а заштитните огради го чувале автобусот да не излета од патот.

Автобуска несреќа во тој дел на Бугарија се случи и во 1996 година, загинаа 16 луѓе, но тогаш немаше автопат, пренесува БГНЕС.

Поради тешката сообраќајна несреќа на 31-от километар од автопатот „Струма“ во правец од Софија кон Благоевград, автопатот ќе остане затворен во текот на целиот ден, барем во правец на Благоевград.

Поврзани новости