Во Република Македонија, на годишно ниво, животот во сообраќајни незгоди го губат околу 160 лица, а повеќе од 6000 лица се повредени. Бројките се загрижувачки, но не станува збор за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, 19 Ноември.
„За волја на вистината, сообраќајните незгоди не се само проблем на Република Македонија. Според податоците на Светската здравствена организација, на светско ниво, годишно околу 1,3 милион луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се здобиваат со повреди како последица на сообраќајна незгода. Голем број од загинатите и од повредените се деца и млади. Многумина сообраќајните незгоди со право ги нарекуваат епидемија или црна чума на 21 век“, велат од РСБСП.
Од РСБСП апелираат Да не ги прифаќаме сообраќајните незгоди како нужно зло и да не се доведеме во ситуација да се плашиме да чекориме по улиците, да стравуваме дали децата безбедно ќе стигнат до своите училишта, дали безбедно ќе ја преминат улицата, да не стравуваме од секој нов ден и од она што тој ќе донесе.
„Секојдневно добиваме впечаток дека возачите, особено младите, не го ценат животот. Без размислување притискаат на педалата за гас, возат пијани, не користат безбедносен појас и се добива впечаток дека ниту казните, ниту црните судбини не допираат до нив“, порачуваат од таму.